Годинава и Кичево се приклучи на градовите кои го прославуваат Божиќ со бадникови пештери на плоштадот, откако градските власти одобриле нивно поставување и со тоа и украсување на овој дел од градот.
Од манастирот „Пречиста Богородица“ во близина на Кичево велат дека благодарение на општината Кичево и на градоначалникот Фатмир Дехари, плоштадот и централното градско подрачје се пригодно украсени со новогодишни и божиќни симболи и светилки, карактеристични за овој период од годината, со што Кичево прилега на едно убаво европско гратче.
– На голема радост на православните христијани од градот, градоначалникот Дехари дозволи помеѓу украсите што го разубавуваат Кичево, на плоштадот да се постави и голема реплика на Витлеемска пештера, во која се родил Исус Христос. Граѓаните на Кичево од православна христијанска вероисповед им се благодарни на општината и на градоначалникот Дехари за тоа што дозволија Витлеемската пештера да го краси нивниот град за време на чествувањето на големиот христијански празник Рождество Христово. Со овој гест, градоначалникот и градот покажуваат граѓанска грижа и совесност, грижејќи се за сите граѓани еднакво, што помага за напредок на соживотот во една мултирелигиска средина каква што е Кичево – велат од манастирот „Пречиста Богородица“.
Кичевчани, пак, додаваат дека градоначалникот покажува европска зрелост, почитувајќи го демократското право за еднаквост на сите граѓани, без разлика на нивната верска, национална или политичка определба.