Освен подготовките за изборниот процес закажан за 12 април, како примарна задача пред техничката влада, која се очекува да биде избрана денеска, се наметнува и ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, како и вонредниот самит на ЕУ, во март, годинава
За да се исполни меѓупартискиот договор за предвремени парламентарни избори на 12 април, годинава, денеска треба да биде избрана техничката влада за да има 100 дена да ги спроведе подготовките за изборниот процес. Иако Владата е техничка, сепак треба да биде испочитувана стандардна демократска процедура за таа да добие легитимитет. Тоа значи дека прво премиерот Зоран Заев денеска треба да поднесе оставка од премиерската функција.
Според процедурата, Собранието ја констатира оставката и со тој чин всушност се разрешува целиот актуелен состав на Владата. Потоа претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој и формално треба да го предложи новиот состав на т.н. пржинска влада. На крајот од процедурата, повторно парламентот треба да го изгласа и тој владин состав, што ќе управува со Македонија во периодот до изборите и до формирањето на новата влада.
Иако процедурата за добивање легитимитет на техничката влада е стандарден, сепак поделбата на ресорите е одредена според Пржинскиот договор, а персоналните решенија се усогласуваат со меѓупартиски договори. Таквиот принцип на меѓупартиски договори за составот на техничката влада, остава простор за неизвесност до последен момент, односно за тактизирање на партиите. На крајот од минатата седмица (и година), партиите ги соопштија своите предлози за министерските позиции во техничката влада, но владејачкиот СДСМ не го прифати предлогот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за позицијата министер за внатрешни работи. Армискиот полковник Драган Ковачки не беше прифатлив за оваа министерка позиција, поради уставната одредба дека со Министерството за внатрешни работи треба да раководи цивилно лице или да не извршува активна служба во одбраната барем три години. Полковникот Ковачки извршува активна офицерска служба, па лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на вчерашниот ден соопшти дека одлучиле да понудат нов предлог за министерската позиција, кој требаше да биде усогласен со лидерите на коалицијата СДСМ-ДУИ, односно со Зоран Заев и со Али Ахмети. Подоцна во јавноста се појави името на Наќе Чулев, кадар од Агенцијата за разузнавање, како предлог за министер за внатрешни работи. Предлозите на СДСМ за министри во техничката влада се: Славјанка Петровска, дополнителна заменик-министерка во МВР, (која беше шефица на кабинетот на Спасовски), додека дополнителна заменик-министерка во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така шефица на кабинетот на министерката Мила Царовска, која ќе стане вицепремиерка за економски прашања на местото на Кочо Анѓушев.
Владејачкиот СДСМ, односно кандидатот за технички премиер, Оливер Спасовски, немаше забелешки за опозициските предлози за министер за труд и социјала (Рашела Мизрахи) и за дополнителни заменик-министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација (Гордана Димитриеска-Кочоска, Цветан Трипуновски и Невенка Стаменковска), кои се очекува да бидат дел од кабинетот на техничката влада. Основна задача на техничката влада е во рок од 100 дена да организира услови за регуларни демократски избори. Овој концепт веќе еднаш беше практикуван, пред изборите во 2016 година. Според таквото искуство, се поставува прашањето дали оваа техничка влада во текот на својот (за почеток) 100-дневен мандат ќе има и некој друг предизвик, освен организација на изборите.
– Не очекувам да бидат одложени изборите, но сепак во периодот на тие 100 дена од техничката влада треба да се случи ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, како и вонредниот самит на ЕУ, во март, годинава. Со оглед дека во Шпанија е постигнат договор за формирање влада, се очекува наскоро и во нивниот парламент да биде ратификуван протоколот за нашето полноправно членство во НАТО, па процедурата на крајот треба да биде завршена и кај нас. Таа процедура ќе треба да ја заврши оваа техничка влада и да се изгласа во Собранието. На 26 и 27 март, на вонредниот самит на ЕУ, треба да се одлучува за предлозите на Франција за новата методологија за пристапни преговори за земјите-кандидатки за Унијата, што за Македонија е од исклучително значење. Овие два момента очекувам да бидат главниот предизвик за техничката влада за кој се надевам дека техничките министри од различни партии ќе најдат начин да ги надминат сопствените партиски позиции и интереси. Сето друго веќе сме го виделе (две партии што не се поднесуваат и се борат за власт), односно од техничката влада се очекува да организира успешни и демократски избори – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Искуството од првата примена на концептот пржинска влада, покажува дека наместо предвидените сто дена, техничката влада функционираше повеќе од една година, бидејќи тогаш договорените предвремени избори беа одложувани. Овој концепт е воспоставен како резултат на т.н. Пржински договор меѓу партиите (и меѓународната заедница) по политичката криза во земјава, во 2015 година. Иако очекувањата на познавачите на политичките услови во Македонија се дека сегашната пржинска влада сепак ќе биде само техничка, и понатаму „лебди“ дилемата дали и колку е потребен и одржлив овој концепт за понатаму.
– Во Пржинскиот договор не е наведено до кога треба да се применува овој концепт на техничка влада пред избори. Факт е дека тој договор е постигнат во услови на политичка криза и логично би било ако кризата е надмината, таквиот принцип да биде надминат. Од друга страна, пак, би било глупаво тој принцип да се примени само за време на владеење на една политичка гарнитура. Веројатно, ќе треба да помине барем уште некој изборен циклус за да се види дали има потреба од ваков изборен принцип – вели Петар Арсовски.