Покрај 15-те гранслема, Ѓоковиќ во оваа деценија стана првиот играч што ги освои сите девет турнири од серијата „Мастерс 1.000“, пет пати беше прв на крајот на годината, а три негови победи се на првите три места на листата со 10 најспектакуларни средби
Новак Ѓоковиќ е прогласен за тенисер на деценијата во светот, во изборот на престижниот тениски сајт „Тенис.ком“, а тој одлично котира и на листата на најспектакуларни мечеви одиграни од 2010 година. За овие десет години Ѓоковиќ освои 15 од вкупно 16-те гранслем-трофеи, впишувајќи само 24 порази, со импресивни 216 победи, од кои некои во голем стил.
Србинот освои седум рекордни титули на Австралија опен, а дури пет пати го крена вимблдонскиот пехар, од кои трипати (2014, 2015, 2019), во финалето против големиот ривал Швајцарецот Роже Федерер. На Ролан Гарос во 2016 година успеал да ја прекине импресивната серија од 12 триумфи на Шпанецот Рафаел Надал, а тука се трофеите и од САД опен, со што ги има комплетирано сите гранслем-пехари.
Сајтот пишува дека Ѓоковиќ од другите тенисери го издвојува извонредниот бекхенд, стилот на игра, големата борбеност, лесното движење по теренот. Се истакнува и неговиот поинаков режим на исхрана од другите спортисти, медитацијата, менталниот и физичкиот тренинг, што всушност го покажа со неговото враќање на тенискиот врв. Ѓоковиќ дури четири пати ја освоил престижната награда „Лауреус“ за спортист на годината, а на првото место на АТП-листата бил 275 недели, со што го зазема третото место на вечната листа.
Три победи на Ѓоковиќ ги зазедоа и трите водечки места на листата од 10 најдобри мечеви, според изборот на реномираната телевизија посветена на белиот спорт Тенис-канал. На листата, најспектакуларен меч од 2010 до 2019 година е оној што го одиграа летово Ѓоковиќ и Федерер во финалето на Вимблдон и во кој Србинот славеше со 3-2 (7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12) откако спаси две меч-топки на сервис на Швајцарецот. На 2-то место е финалето на Австралија опен во 2012 година, во кое Ѓоковиќ по пет часа и 53 минути игра го совлада Надал со 3-2 (5-7, 6-4, 6-2, 6-7, 7-5), и покрај тоа што имаше брејк помалку во петтиот сет. И третата позиција ја заземаат најдобриот Ѓоковиќ и неговата победа над Стан Вавринка во 4-то коло на Австралија опен во 2013 година. Ѓоковиќ до триумфот со 3-2 (1-6, 7-5, 6-4, 6-7, 12-10), дојде во 1.41 часот по полноќ.
На оваа листа меѓу првите 10 победи (7. место) е и победата на Ѓоковиќ во 2018 година против Надал во полуфиналето на Вимблдон (3-2), како и поразот (2-3) од истиот играч во полуфиналето на Ролан Гарос во 2013 година (9. место). На 4-то место е победата (3-2) на Федерер против Надал во финалето на Австралија опен во 2017 година, а на 5-то, успехот на Надал (3-2) над Доминик Тим во четврт-финалето на САД опен во 2018 година.
Покрај 15-те гранслема во оваа деценија (Надал 13, Федерер пет), Ѓоковиќ стана првиот играч на АТП што ги освои сите девет турнири од серијата „Мастерс 1.000“, првиот што освои седум круни на Австралија опен, а пет пати заврши како првопласиран на АТП-листата на крајот на годината (Надал четири пати, Енди Мареј еднаш).