Тешки, силни противници, не ни останува ништо друго освен добро да се подготвиме и да одиграме најдобро што можеме, вели капитенот Никола Ѓоргиев, по ждрепката за Златната лига, според која Македонија ќе игра во група со Чешка, Турција и со Португалија

Македонија ќе игра против репрезентациите на Чешка, Турција и на Португалија во групата Ц, на деби-настапот во Златната европска одбојкарска лига. Така беше одлучено на вчерашната ждрепка во Луксембург, во седиштето на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Во групата А се Белгија, Словачка, Шпанија и Романија, а во групата Б ќе настапат Холандија, Украина, Естонија и Белорусија.

– Тешки, силни противници, редовни учесници на сите поголеми натпреварувања. Турција ни е добро позната, игравме на Европското првенство во Љубљана, Португалија има амбиции да се пласира во Челенџер-купот, Чешка, исто така, е многу квалитетна репрезентација. Мој соиграч во Фридрихсхафен е техничарот Јакуб Јануш, од него сигурно ќе добијам некои информации. Знам дека моментно немаат селектор, но тоа ништо не значи, има уште многу време до мај. Како и да е, не ни останува ништо друго освен добро да се подготвиме и да одиграме најдобро што можеме. Би било добро да ги добиеме сите мечеви дома, а потоа на гости да се обидеме да направиме некое изненадување – вели капитенот на репрезентацијата на Македонија, Никола Ѓоргиев.

Натпреварите треба да се играат во мај и во јуни 2020-та според принципот секој со секого, дома и на гости. Првопласираните три репрезентации во трите групи, плус Белгија, земјата-домаќин на фајналфорот, ќе разигруваат за титулата, на 20 и 21 јуни 2020-та. Победникот ќе си обезбеди настап во Челенџер-купот на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) следната година, преку кој би ја барал и шансата за пласман во елитната Лига на нации (ЛН) во 2021 година.

Победник на претходното издание на Златната лига, во 2019 година, беше Турција, која во финалето во Талин (Естонија) ја совлада Белорусија.


ЗЛАТНА ЛИГА 2020

ГРУПА А
Белгија
Словачка
Шпанија
Романија
ГРУПА Б
Холандија
Украина
Естонија
Белорусија
ГРУПА Ц
Македонија
Чешка
Турција
Португалија


РАСПОРЕД
Македонија – Чешка 23/24.5
Турција – Македонија 27.5
Португалија – Македонија 30/31.5
Македонија – Португалија 6/7.6
Македонија – Турција 10.6
Чешка – Македонија 13/14.6