Став на Ненси Армор
Ју-ес-еј тудеј
Претставниците на олимписката заедница сакаат да ве запознаат со фактот дека се згрозени од последните напори на Русија да го измами системот. Иако навистина се згрозени од чинот, тоа не беше доволно за навистина да преземат некакви силни мерки. Светската антидопинг агенција (ВАДА) едногласно донесе одлука да ѝ се забрани на Русија учество на сите меѓународни натпревари во рок од четири години како казна за допинг на спортистите. Тоа значи дека не смее да учествува на Летните олимписки игри во Токио догодина, Зимските олимписки игри во Пекинг и Светското фудбалско првенство закажано за 2022 година.
Ако внимавате на деталите, ќе сфатите дека одлуката има цел да прикрие нечии вистински намери, повеќе во корист на Русија, но на штета на недопингуваните спортисти. Ова не е одлука која ја бараа спортистите и многу други кои навистина се борат против допингот во спортот, туку фарса која ѝ овозможува на Русија да се натпреварува на сите големи спортски настани без изведување на националната химна и истакнување на знамето. Русија исто така може да се жали за „забраната“ до Арбитражниот суд за спортови, што значи дека казната може дополнително да се намали.
– Претпочитав да се донесе ригорозна казна. Освен ако не наметнеме санкции кои навистина ќе ги разбудат руските лидери, да ги натераме да преземат одговорност и да ја признаат вистината, тогаш како би биле сигурни дека системот некогаш ќе се промени – порача Линда Хофтад Хелеланд, потпретседателката на Светската антидопинг агенција, во говорот пред одговорниот орган.
Нема да има промени е краткиот одговор на ова прашање. И зошто така да се постапи, кога Русија може и натаму да ги исмејува антидопинг и олимписките лидери без да има некакви сериозни последици по нејзините постапки. Технички Русија доби забрана за настап лани на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, но спортисти кои можеа да „докажат“ дека се чисти настапија под името „Олимпијци од Русија“. Руското знаме ниту еднаш не беше истакнато за освојувачите на медали, а руската химна не беше изведена за освојувачите на златен медал.
Како дел од договорот повторно да ја врати почитта кај Олимписката заедница, Русија требаше да предаде необработени докази од лабораторијата во Москва најдоцна до 31 декември 2018 година. Податоците беа употребени за да се докажат првичните случаи на допинг и да покаже дека руските спортисти на кои им беше дозволено да се натпреваруваат по скандалот од Сочи, всушност не земале допинг.
Не само што Русија за две недели ги проби роковите, туку и Светската антидопинг агенција откри дека некој во московската лабораторија сè уште ги прикрива доказите и во 2019 година. Манипулацијата делумно имала цел да ја прикрие вмешаноста на руската влада во скандалот и наместо тоа вината да падне само на Григориј Родченков, кој стоел зад програмата за допинг, а на крајот беше оној кој во јавноста го обелодени скандалот.
Како и тоа да не беше доволно, Светската антидопинг агенција изјави дека прикривањето на докази ќе ја спречи да отвори случаи против 145 спортисти. Така, „Олимпијците од Русија“ ќе настапат на Олимписките игри во Токио догодина, а којзнае колкумина од нив всушност ќе бидат чисти.
– Светот треба да се запраша што е полошо дали првичната руска измама, кражбата на медали и правата на чистите спортисти или степенот до кој спортските лидери се потчинија пред руските пари и влијанија во неуспехот соодветно да се справат со ваквиот скандал пред многу години – порача Тревис Тајгарт, директорот на американската антидопинг агенција, кој со право е лут.
Но човечката природа е таква каква што е, и секогаш ќе постои допинг во спортот затоа што спортистите бараат секаков начин за да победат. Ниедна држава, па ни САД, не е имуна на допингот, како што покажаа и Ленс Армстронг и Мерион Џонс. Но тоа беше нивна лична одлука, за разлика од рускиот случај во кој беше развиена софистицирана програма за допинг креирана и спроведена од страна на највисоки претставници во руската влада. Речиси шест години по Олимписките игри во Сочи, тие и ден денес се на функција. Што треба да се преземе ако ова не е доволен доказ за целосна забрана за настап на сите спортски натпревари?
– Мерките што денес се презедоа се добри, но тие се во право кога велат дека се несоодветни – изјави Џон Росен, американскиот шеф на тимот за боб-санкање и скелетон, кој пред само три недели прослави што натпреварувачите ги добија златните медали од Сочи откако рускиот тим ги изгуби поради допинг.
Но ова на крајот ќе биде и неважно. Тука не станува збор за тоа што Русија ги отворено ги прекршила правилата, туку се работи за стотици спортисти кои се противат на искушението да најдат пократок пат до победата и кои веруваат во идеалите на фер-игра.
Барем некои од нив, како што е Стив Холкомб и неговите колеги од тимот во боб-санкање, кои на крајот ги добија заслужените медали. Но тие никогаш нема да ја добијат шансата да го прослават долгогодишниот макотрпен успех полн со жртви пред очите на целиот свет.
– Додека не се пристапи со храброст и силна посветеност кон ваквите важни злоупотреби на спортскиот интегритет за да се заштитат спортистите и да се спречи допингот во спортот, тие и натаму ќе продолжат да постојат, а спортот никогаш нема да се ослободи со црната дамка – изјавија вчера девет членови од спортскиот комитет на Светската антидопинг агенција и притоа соопштија дека ќе бараат целосно да ѝ се забрани на Русија настап на сите спортски натпреварувања.
Русија потроши 51 милијарда долари за Олимписките игри во Сочи. Но денешната одлука е потсетник дека вистинската цена е интегритетот на Олимписката заедница.
Превод: Билјана Здравковска