Со години нашите сограѓани за летен одмор најчесто одбираат дестинации во Грција, бидејќи е најблиска и во патување поминуваат најмалку време
Првиот крак на Халкидики во Грција е најпримамлив за македонските граѓани, велат од туристичките агенции во екот на летната туристичка претсезона. Иако во последниве години почесто се избираат и други дестинации, кои станаа достапни со воспоставувањето на нискобуџетните авионски линии, сепак, кога станува збор за летен одмор, најголем дел граѓани ја одбираат соседна Грција.
– Веќе неколку години најчесто нашите сограѓани за летен одмор одбираат дестинации во Грција, бидејќи е најблиска и во патување поминуваат најмалку време, што претставува голема предност. Од друга страна, расте и интересот за летување во Турција, особено во Анталија, за каде што имаме и редовни чартер-линии трипати во неделата – велат претставниците на туристичката агенција „Савана“.
Оттаму додаваат дека имаа проширена понуда оваа година, како за соседна Грција, така и за Турција и за други подалечни дестинации.
– Грција е прв избор бидејќи е блиску, па затоа за таму имаме голем избор на хотелско и апартманско сместување, но оваа година, како и неколку години наназад, се многу актуелни дестинациите во Турција, каде што се нуди сместување со комплетна услуга за навистина пристапни цени – додаваат од агенцијата.
Од агенцијата истакнуваат дека ова лето имаат примамливи понуди и за Египет и Шпанија, локации за кои од следниот месец ќе има и чартер-линии.
– Хургада е исто така доста примамлив избор за македонските граѓани, но имаме и такви што се одлучуваат да летуваат на Сејшелите, на Тајланд, но тоа се индивидуални патувања, не се групни, како патувањата за Грција или за Турција – појаснуваат од „Савана“ и додаваат дека редовно секоја година има патници што претпочитаат да летуваат на Јадранско Море, за каде што исто така имаат богата понуда.
Покрај лесно достапните краци во Грција, нашите сограѓани често патуваат и на Крф, Кипар и Родос, за каде што има и воведени директни летови, велат претставниците на туристичката агенција „Њу вејс оф травел“.
– Во последниве години со воведувањето на нискобуџетните летови, како оние на „Виз ер“, делумно се променија навиките на граѓаните. Иако, генерално прв избор за нашите сограѓани е Халкидики, поради близината, особено за лица со помали деца што сакаат да пристигнат што побрзо на избраната дестинација, сепак во последно време голем дел граѓани се одлучуваат за нови дестинации – појаснува Рената Донева од „Њу вејс оф травел“.
Донева истакнува дека преку нивната агенција граѓаните често ги избираат и островите Крф, Кипар и Родос, но истакнува дека има и лица што се одлучуваат за индивидуален пристап, во сопствена организација или преку агенциите ги истражуваат убавините на Азурниот Брег или, пак, шпанските плажи…
– Сега многумина, на пример, летаат за Барселона, од каде што избираат некоја летна дестинација или ги посетуваат шпанските острови. Исто така преку Софија, на пример, летаат за Малага. Многумина се одлучуваат да летаат и до Милано, па оттаму заминуваат на Азурен Брег – појаснува Донева.
Дека Грција и Турција се првиот избор за македонските граѓани кога станува збор за летување потврдуваат и од туристичката агенција „Атлантис“, од каде што истакнуваат дека Анталија во Турција и Халкидики во Грција се најбараните дестинации.
– Првиот крак во Грција вообичаено е најбарана дестинација од македонските клиенти. Халкидики е најпосетуван крак во Грција од нашите граѓани, пред сѐ поради близината, но и поради другите предности што ги нуди. Секако во последниве години доста актуелни стануваат и понудите за Турција, особено за Анталија – појаснуваат од „Атлантис“.
Од агенцијата додаваат дека во последниве години зачестиле и барањата за посета на понеобични дестинации, како што е Тајланд, но дека ги има во многу помал број отколку патувањата во споменатите земји.