Уставниот судија, Владимир Стојановски, како судија известител, изнесе негативен реферат за барањето на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој го оспори Законот за амнестија од 2018 година за „крвавиот четврток“. Спорно, според Чавков е тоа што станува збор за ист кривично-правен настан, а има нерамноправност во амнестирањето како чин на милост на државата, односно некои биле, а некои не биле амнестирани за истиот настан.
Судијата Стојановски рече дека Уставниот суд не може да се стави во улога на Собранието и да определува кого да амнестира.
– Уставниот суд не може да се стави на место на Собранието и да ја врши неговата улога за тоа зошто некои имаат, а некои немаат право на амнестија. Уставното овластување на Собранието е негово право да го определи видот и степенот на кој се однесува амнестијата – рече Стојановски.
Според него, не се поставува прашањето за согласноста на иницијативата на Чавков со Уставот, бидејќи тоа е прашање за кое расправа и го определува Собранието.
За упадот во парламентот од 27 април 2017 година од 33 обвинети и осудени, 15 беа амнестирани. Чавков беше осуден на 18 години затвор. Меѓу нив се пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои потоа гласаа за уставните измени и промена на името. Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои беа водачи на протестите на „За заедничка Македонија“.
Уставен суд ќе го почека толкувањето за Законот за помилување
На денешната седница уставните судии ја одложија точката за нацрт-решението за одлучување за поништувањето на помилувањата кои ги даде експретседателот Ѓорге Иванов.
На почетокот на судењето судијата Осман Кадриу побара да се одложи оваа точка, со образложение дека пред парламентот почнала постапка за автентично толкување на членови од Законот за помилување.
Уставниот суд поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, што му овозможи на поранешниот претседател Ѓорге Иванов да ги поништи помилувањата кои самиот ги даде во април 2016 година за 56 лица, меѓу кои речиси целокупниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа значи дека шестмина уставни судии со прифаќањето на иницијативата поднесена уште во 2016 година го отворија патот сите 56 лица кои Иванов ги помилува и потоа си ги поништи одлуките да бидат целосно ослободени од кривичниот прогон.
Судот смета дека со Законот за дополнувањето на Законот за помилувањето, со кој му се дозоволи на Иванов да ги поништи помилувањата, излегол надвор од дадените надлежности кои ги има претседателот што е спротивно на Уставот, бидејќи се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.
Според уставните судии, претседателот во согласност со Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, што значи дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување.
Двајца пратеници итно поднесоа барање за автентично толкување во Собранието, за да го претркаат Уставниот суд.
Помилувањата се однесуваат на најголем дел од предметите на СЈО.
Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески беше помилуван најмногу, 16 пати. Поранешната министерка за внатршени работи Гордана Јанкулоска беше помилувана 11 пати, ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков шест пати, бегалецот Никола Груевски пет пати, исто толку и Мартин Протоѓер.
На листата четирипати беше помилуван ексгенсекот на Владата, Кирил Божиновски, избеганиот поранешен началник на петтата управа Горан Грујевски, потоа Ирена Мишева, Љупчо Тодоровски, Трајко Вељаноски, сведокот на СЈО, Коста Крпач, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ, вработени во УБК, полициски „алфи“, Коце Трајановски, Исмет Гури и други.
Помилувани беа и специјалните јавни обвинители, тогашниот опозиционер Зоран Заев, разузнавачот Зоран Верушевски.
Уставните судии го одложија одлучувањето за иницијативата за преиспитување на членот 353 став 5 за злоупотреба на службената положба и овластување, кој се однесува на злоупотреба на постапките за тендери, а опфаќа најголем број обвинети во предметите на СЈО.