На денешната седница Владата даде поддршка за воведување на БРТ или „Бас рапид транзит“ на територијата на Град Скопје, кој претпоставува воспоставување на коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен, или хибриден погон (плин и електромотори).
– Овој систем коридори на популарно нареченото автобуско метро ќе овозможи траса која е физички издвоена од останатите учесници во сообраќајот со што се обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, што ќе го направи јавниот превоз атрактивен и алтернатива на користењето на приватните возила за да се намали аерозагадувањето – велат од Владата.
Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект.