Заедничка понуда најавија Аргентина, Уругвај, Чиле и Парагвај што може да има сентиментална вредност, бидејќи Уругвај беше домаќин на првото СП во 1930 година
Шансите за заеднички британско-ирски настап за добивање на организацијата на Светското првенство (СП) во 2030 година во фудбал се зголемија, откако официјална заинтересираност пројави и Фудбалската асоцијација на Ирска (ФАИ). Англиската ФА, која ја водеше студијата за оправданост на средствата, им ги претстави своите планови на другите асоцијации на состанокот пред ждрепката за Европското првенство в година.
– Студијата за оправданост на средствата е позитивна и се има чувство дека вистинската работа што треба да се направи е да се оди напред – изјави за „Тајмс“ генералниот директор на ФАИ, Ноел Муни.
Весникот „Тајмс“ објави дека заедничката кандидатура предвидува одигрување натпревари во повеќе англиски градови, потоа во Кардиф, Глазгов и во Даблин, а финалето би се одиграло на лондонскиот стадион „Вембли“.
Телото задолжено за финансирање на спортот во Велика Британија, кое ја советува Владата за тоа што да поддржи, уште лани се изјасни дека добивањето на организацијата на СП 2030 година во Велика Британија би било „огромно достигнување“.
Аргентина, Уругвај, Чиле и Парагвај најавија заедничка понуда што може да има сентиментална вредност бидејќи Уругвај беше домаќин на првото СП во 1930 година. Кина би била сериозен кандидат доколку ФИФА одлучи да ги промени правилата за тоа како да се ротира СП помеѓу регионите. Азиските земји се исклучени од добивање организација на СП 2030 година, бидејќи Катар ќе биде домаќин на СП 2022 година. Сегашните регулативи спречуваат истиот регион да биде домаќин на СП во наредните два термина.