Тајните агенти и шпиони од поранешната Германска Демократска Република и од Советскиот Сојуз оделе на одмор во Бугарија, открива Кристофер Неринг, кустос на Германскиот музеј за шпионирање во Берлин во новата книга „77 мита од светот за шпионажата и тајните служби“.
– Од Бугарија ми остана во сеќавање како во еден автомобил ме возеа во убавите планини и на плажите во таа земја. Со мене, понекогаш и со мојата сопруга, постапуваа како со паша. Никогаш порано и никогаш подоцна не сум доживеал толкава гостопримливост. Бугарите нѐ препиваа со своите скапоцени вина, организираа специјални свечености во најдобрите одморалишта на Комунистичката партија, ловевме дивеч, патки или фазани во ловиштата што беа резервирани за претседателот Живков и за бугарската елита. Понекогаш нивната желба да ни се додворат, како кон свои словенски браќа, попримаше апсурдни облици – се присетува генералот Олег Калугина, долгогодишен шеф на КГБ во Одделението за контраразузнавање.
Навикнат на одрекувањето во Советскиот Сојуз, еден генерал на тајната служба, за Бугарија, која во тогашните политички кругови била нарекувана „16-та советска република“, пишува како за рај за уживањето на земјата. Еден од највисоките функционери на КГБ во оваа земја доаѓал поради уживање. Од аспект на тајните служби Бугарија не била толку интересна, освен за добивање некоја информација за НАТО во Грција или во Турција, или за врбување некоја девојка на брегот на Црно Море за пренесување информации во Москва. Но виното, планините, морето и храната им оставале посебен впечаток на советските другари. И бугарската тајна служба знаела да го искористи тоа, пишува во текстот на „Дојче веле“.
На другата страна, ЦИА ги повикувала своите колеги од германскиот БНД на тринеделни патувања во САД, Тоа било познато под називот „културна дипломатија“. Идејата била идните шефови на германските тајни служби да бидат импресионирани од големината и силата на САД.
Во Бугарија озлогласената Државна безбедност имала контрамерки со „ракија-дипломатија“ односно тони бугарски производи им биле испраќани на колегите од Штази во Источен Берлин. Бугарската Државна безбедност им се додворувала на офицерите на КГБ, а слично се однесувале и кон источногерманските колеги, кои редовно биле канети на годишен одмор. Секоја година на располагање имале 25 места во одморалиштата на Црно Море и во планините, пренесува „Дојче веле“ делови од сведочењата на поранешните шпиони од зад Железната завеса.