Денеска се затвора јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и други субјекти на подрачјето на град Скопје за чистење оџаци за 2019 година. До вчера, до 15 часот, се поднесени 395 барања за субвенции за чистење оџаци.
– Целта на овој проект на град Скопје е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне позитивни ефекти – подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците – велат од град Скопје.
Со овој повик, градот Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинствата и на другите субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари.