Националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС во Македонија, вчера, на својата свечена седница во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со која одбележа 25 години постоење, потпиша меморандум за соработка со националните комитети на ИКОМОС во Албанија, Бугарија, Грција и во Србија и со Координативното тело на ИКОМОС во Косово. Со меморандумот е означено почнувањето на билатералната соработка меѓу организациите за периодот 2020-2023 година, во која меѓу другото се предвидени годишни посети на комитетите во земјите-потписнички, со организирање форум на заеднички одредена тема, како и посета на недвижно културно наследство во земјата-домаќин. Овој значаен документ треба да овозможи и трансфер на знаење и искуство во заштитата, конзервацијата и реставрацијата на недвижното наследство, со организирање едукативни форуми со учество на експерти од двете засегнати страни на одредена тема, а меѓу другото и поддршка за организирање регионални центри за едукација и трансфер на знаења за заштита и конзервација на недвижно културно наследство во сеизмички активни региони.
Во своето обраќање претседателката на собранието на Националниот комитет, Ирена Колиштркоска, како и претседателот на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, ја истакнаа досегашната значајна улога на НК на ИКОМОС во земјава во заштитата на културното наследство, додека членот на бордот на ИКОМОС, Нилс Ахлберг, укажа и на актуелните тенденции што се спроведуваат на ова поле на светско ниво, истакнувајќи дека е потребно сѐ поголемо вклучување на помладите генерации во телата на оваа позната организација.
– Почетна точка на сиот одржлив развој е наследството. Мора да ги користиме постојните ресурси на најдобар можен начин – посочи Ахлберг, кој меѓу другото рече и дека е потребно свртување на сѐ поголемо внимание, покрај на заштитата на културното наследство, и на водното наследство, како важни елементи при развојот на земјите.
За 25-годишното постоење на ИКОМОС Македонија говореше Лазар Шуманов, претседател на Националниот комитет, а на таа тема во МАНУ беше отворена и изложба на постери. По повод 25-годишниот јубилеј беа доделени и плакети и благодарници на организации, институции, НВО и поединци.