Во присуство на претставници на стручната и научната јавност, на невладините организации, медиумите и заинтересираните граѓани денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа втората презентација на ревидираната „Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“.
-Кон крајот на август годинава ја одржавме првата јавна расправа за новата „Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“, во чии рамки имавме можност да слушнеме многубројни забелешки кои главно се однесуваа на начинот и обемот на заштитата. При изработката на студијата главниот акцент е ставен на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поедините видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. По првата јавна расправа оставивме простор претставниците на еколошките здруженија и претставниците на стручната јавност во рок од 30 дена да достават дополнителни коментари и забелешки на студијата, со цел да постигнеме оптимално ниво на квалитет на студијата која ќе овозможи ефикасна и сеопфатна заштита на природните богатства на Водно. Досега добивме исклучително вредни и квалитетни забелешки од Шумарскиот факултет, „Екосвест“, „Го сакам Водно“ и советничката Драгана Велковска, кои внимателно беа разгледани од експертскиот тим кој работи на оваа студија. Дел од овие предлози и забелешки се веќе дел од новата верзија на студијата за која дискутираме денеска, а на преостанатите забелешки им беа подготвени одговори со аргументирани образложенија кои се однесуваат на нивната применливост – рече на денешната расправа градоначалникот Петре Шилегов.
Тој додаде дека самиот факт што вторпат се разговара за истата студија и се разменуваат мислења и аргументи со стручната јавност и со граѓаните го прави процесот на изработка на студијата инклузивен и транспарентен.
Според него, со оваа студија ќе се создадат услови Водно да добие заштита од петта категорија што е соодветно за природните специфики на заштитеното подрачје.