Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски се враќа на европско тло, откако ја импресионираше азиската публика на Филмскиот фестивал „Златен коњ” во Тајпеј. Меѓу бројните написи за филмот во Тајпеј, се огласи и истакнатата професорка по атропологија, Ју-Чиен Хуанг.
– Прекрасен, поетски филм, кој тера на размислување. Деликатната наративна структура и продлабочените мотиви ги допираат душите на гледачите – напиша Хуанг.
Утревечер „Врба“ ќе биде прикажан на 23. Филмски фестивал „Црни ноќи“ (Black Nights) во Талин, Естонија, еден од најголемите во Европа. Со оглед дека филмот веќе имаше светска премиера на фестивалот во Рим, во Талин ќе игра вон конкуренција, во програмата Потписи во која, како што велат од фестивалот, се „најновите дела на филмските велемајстори“.
„Врба“ ќе има три проекции во Талин, а на проекцијата на 27 ноември ќе гостува и режисерот Манчевски кој ќе има сесија прашања и одговори со естонската публика. „Црни ноќи“ е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија рангирани според ФИАПФ.
Премиерата во Талин е посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“. Тој е продуцент на педесетина филмови (оскаровецот „Играчка-плачка“ на Нил Џордан, „Скандал“, „Мона Лиза“) и коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон.