Сѐ уште не стивнуваат бурните реакции во јавноста откако македонскиот претседател Стево Пендаровски на Регионалниот форум на млади лидери во Нови Сад истакна дека „доколку не би бил претседател, и тој би се иселил од својата земја, која има просечна плата од 400 евра“. Некои од политичките партии веднаш ја искористија неговата изјава за политичко расправање, но ваквиот јавно изнесен став на претседателот Пендаровски, кој предизвика турбуленции во јавниот простор, викендов веднаш беше појаснет со соопштение од неговиот кабинет, дообјаснувајќи го кажаното на форумот.
– Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неоспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучувајќи и моја. Доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат. Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома – се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски објавено викендов.
Сепак, на јавно искажаниот збор на Пендаровски прв реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервју за домашните медиуми, коментирајќи ја изјавата на претседателот, истакна дека доколку тој би бил сега на местото на Пендаровски, веднаш би си заминал од местото претседател.
– Претседателот Пендаровски одбран од партијата што е три години на власт сакал да ја напушти државата, зашто тука не се живеело. Би му кажал таквото негово поразително чувство да му го каже на неговиот шеф Заев, бидејќи тој три години ја води државата во амбис. Има ли поголемо признание дека не ѝ оди на власта, односно дека прави пустош со државата, и тоа директно од човекот што го направија претседател со рекорд од по 3 секунди гласање во минута. А јас кога би бил Пендаровски, прво би заминал од местото претседател по вакво едно признание, затоа што не прави ништо да ја смени реалноста од позицијата што ја има – рече Мицкоски.
Во низата домашни обвинувања за изнесениот став на Пендаровски се јави и поранешниот пратеник од Либералната партија, Ивон Величковски. Величковски на социјалните мрежи прокоментира дека изјавата на претседателот не е државничка.
– Изјавата на Пендаровски е несомнено професорска и искрена, но не и државничка. Ако ја дадеше пред изборите, денес немаше да ја каже од позицијата претседател на Републиката. А општата порака му е: Дечки, од мене/нас – толку. Каков израз на немоќ… – напиша политикологот Величковски на социјалните мрежи.
Освен социјалните мрежи, и поранешни министри реагираа на изјавата на претседателот Пендаровски за селењето од земјава. Според пратеникот Антонио Милошоски, претседателот Пендаровски ја дал најлошата изјава што кој било претседател на Македонија ја дал досега.
– Таа е порака на обесхрабрување кон граѓаните и е деморализирачка за секој студент, стопанственик, лекар, за секој градежен работник, земјоделец, но и за секој државен службеник, војник и полицаец во државава. Првиот човек во државата, и во лесни и во тешки времиња, е должен да ја охрабрува, да ја бодри, да ја поттикнува и да биде мотив за нацијата, а не да биде нејзиниот малодушен претседател, кој сѐ уште седи на престолот само затоа што има повисока плата и повеќе повластици од плебсот што го гласал – напиша на Фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.