Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината, е пораката на Јане Велковски, единаесетгодишниот застапник за правата на децата со попреченост, до светските лидери.
Тој вчера говореше на глобалниот самит на УНИЦЕФ во Њујорк, по повод Светскиот ден на детето, на панел дискусијата „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“.
-Многу сум среќен што сум денес овде. Јас сум роден со спинална мускулна атрофија, и поради тоа се движам со количка која ја викам Формула. Но моите родители од мал ме учеа дека можам да правам сѐ што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев тоа стана и мое правило – да правам сѐ и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен – рече Јане.
Тој кажа дека фудбалот му помогнал да се бори за да добие терапија, го поврзал со многу славни личности и го направил голем борец за еднаквост во спортот.
-Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат. Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот. Мене не ми смета мојата пречка, туку ми сметаат пречките од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам негде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен – рече Јане.
Децата како мене, додаде тој, сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон, треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема.
-А на возрасните сакам да им порачам: Треба да направите сѐ за правата на децата, и отстранете ги сите бариери. Да нема дискриминација – додаде Јане.
Тој вчера имаше прилика да се запознае со фудбалерот Дејвид Бекам.