СЕ КОВЕ ПЛАНОТ ЗА ПРЕФРЛАЊЕ АДМИНИСТРАТИВЦИ ОД ДРЖАВНИОТ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

До каде е процесот за трансферот на вработени од преобемната јавна администрација во приватниот сектор и како напредуваат реформите во оваа област. Овие дилеми повторно се актуализираа во домашната јавност, во периодот кога и власта и опозицијата наголемо ги коментираа процесите поврзани со порастот или падот на бројот на вработените во администрацијата во пресрет на парламентарните избори в година.

Според премиерот Зоран Заев, во државните институции бројот на административците е намален за повеќе од 25 илјади.
– Секоја година, при крајот на годината, има воедначено примање и трансформирање на работните односи. Крајот на годината е можност за сите што поминале осуммесечен, деветмесечен приправнички стаж да може да напредуваат, да добијат решенија за трајно вработување и слично, а крајот на годината исто така ги прави и буџетските баланси за сите оние што отишле во пензија. Нема нешто повеќе, нема нешто помалку од она што постоело во годините, без разлика дали следуваат избори или не, се пополнуваат испразнети места. Знаете дека администрацијата, од 165 илјади, е намалена на нешто под 140 илјади. Продолжуваме со тој тренд заради тоа што севкупната рационализација и потребата во приватниот сектор се сѐ поизразени и исклучиво веруваме дека тоа е добро за државата – истакнува Заев.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски претходно изјави дека потребите за вработување ги дефинираат институциите, а не министерството.

– Огласи за нови вработувања се распишани и ќе продолжат да се распишуваат. Нема да се стопираат вработувањата поради изборите, бидејќи институциите имаат потреби. Тоа е жива материја, луѓе си одат и луѓе доаѓаат – порача Манчевски.
Од друга страна, пак, опозицијата обвини дека ваквите огласи на власта претставуваат предизборен поткуп на гласови.
Невенка Стаменковска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека со големиот број вработувања, СДСМ полека но сигурно ја создава својата гласачка машинерија во јавната и државната администрација.
Стаменковска посочува дека партиски вработувања имало и за време на спроведувањето на референдумот, а истото тоа се прави и сега, во пресрет на закажаните предвремени парламентарни избори.

Од друга страна, според последните најави, најрано на почетокот на 2020 година ќе биде официјално познато дали и колку административци ќе преминат во приватниот сектор.
Марија Теговска од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) вели дека на процесот на подготовка на планот за трансфер на вработените од јавниот сектор во приватниот му претходел состанок со претставниците на коморите во земјава.

– Станува збор за транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни. Предлогот ќе биде подготвен заеднички и претставен во јавноста. Паралелно со тој процес се реализира и проектот за реорганизација и оптимизација на јавната администрација. Од овој процес треба да произлезе и анализата за потребата од трансфер во приватниот сектор – вели таа.

Според Теговска, Министерството со информација на Владата ги задолжило другите министерства да направат функционална анализа во своите институции.
– Овие анализи ќе дадат реална слика за состојбата со кадар во министерствата, односно ќе имаме увид во тоа што е вишок, а кои позиции сѐ уште не се пополнети. Со сите овие анализи, дополнително во координација со сите засегнати страни, ќе се подготви планот за трансфер од јавниот во приватниот сектор – вели Теговска.
Во контекст на актуелните случувања, политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека е разбирливо зошто токму пред избори власта и опозицијата се обвинуваат меѓусебно за теми поврзани со реформите во администрацијата.

– Не е тајна дека администрацијата е алатка што партиите ја користат во своето дејствување. Тие собираат поени преку вработување на своите членови во администрацијата, но истовремено и овие луѓе на сите избори досега се и најверните следачи на митинзите на политичарите. Во изминатиот период јавноста беше сведок на повеќе примери кога поради митинзи или протести вработени во државни институции, наместо на работа, беа на улица. Па, токму затоа, до изборите ќе бидеме сведоци на голем број коментари на оваа тема на политичарите од сите провениенции – вели Стефаноски.


Пример за квалитетно работење

Познавачите на случувањата, во контекст на актуелните настани со реформите во администрацијата, велат дека сепак во државата постојат институции што работат квалитетно, професионално, со целосна посветеност и во служба на граѓаните. Како посебен ефикасен сегмент од јавната администрација се посочува токму Агенцијата за администрација.

Вработените во оваа институција ги красат висока стручност и компетентност, професионалност, квалитетна, брза и навремена услуга во интерес на граѓаните. Институцијата се одликува и со независно дејствување, зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и соодветна и правична застапеност и важи за главна институција што врши професионализација на работните позиции во јавниот сектор и воспоставува систем за професионален развој на службениците базиран врз стручно усовршување административни службеници.

[email protected]