АД ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола му донираше десет илјади евра за набавка на фотоволтаична електрана која што ќе произведува електрична енергија за потребите на објектот на факултетот, а исто така ќе се користи и како лабараториска опрема за студентите кои што студираат на електротехничкиот и машинскиот отсек. Од оваа година факултетот ќе почне и со обуки за оператори на фотоволтаични електрани со што повеќе ќе се придонесува во производството на еко-енергија.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, изјави дека донацијата е продолжување на поддршката на оваа значајна високообразовна институција од страна на АД ЕСМ, во која спаѓа и континуираното стипендирање на студенти од факултетот.
– Денеска доделуваме пет нови стипендии на исто толку студенти кои минатата година се запишале за првпат на Техничкиот факултет во Битола и по првиот семестар ги оствариле резултатите предвидени во јавниот оглас на компанијата. Секој од студентите ќе добие по 60.000 денари од Државните електрани. Освен тоа, ќе ги продолжиме договорите со осуммина стипендисти на ЕСМ, со што вкупниот број на студенти корисници на стипендии од ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола, ќе се искачи на 13. Тоа е се речиси 800.000 денари само за студенти на овој факултет.
Вкупниот број на стипендии што годинава ги доделува ЕСМ, на сите факултети во земјава е 66, односно околу 4 милиони денари директна поддршка за академските граѓани, што наскоро се надевам ќе бидат дел од компанијата. Сметам дека ова е еден силен аргумент кој говори дека АД ЕСМ е општествено одговорна компанија која води грижа во рамките на своите можности и надлежности за развој на економските и општествените дејности, како неопходен предуслов за раст и развој на државата – изјави директорот Ковачевски на церемонијата на доделување на стипендиите на Техничкиот факултет во Битола.
Од Техничкиот факултет од Битола посочија дека стипендиите се мотив плус за студентите да стекнуваат поголеми знаења и да вложуваат поголеми напори. Инаку, оваа академска година 150 студенти се запишаа на Техничкиот факултет во Битола.
Директорот на РЕК „Битола“ Златко Ќурчиевски истакна дека Комбинатот ширум ги отвора вратите за средношколците и студентите кои што имаа желба да се запознаат со производниот процес, да добијат знаења за истиот и да добијат желба во иднина да работат во РЕК „Битола“, бидејќи на Комбинатот секогаш му е потребна стручна оспособена работна сила, особено во периодот што следува.
М.М.