Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на денешната прес конференција се осврна на последната мерка што МИОА во координација со УЈП ја спроведе со цел внес на податоците на вработените во Информациониот систем за управување со човечки ресурси.
-Министерството за информатичко општество и администрација воведе ред во системот на водење евиденција на бројот на вработени во институциите. Со цел пополнување на Информациониот систем за управување со човечки ресурси од страна на сите институции во државата, Управата за јавни приходи во соработка со МИОА, ја стопираше платата на институциите кои ги немаа внесено податоците за своите вработени во системот. Оваа активност ги даде посакуваните резултати. Само во перидот од 15 октомври до денеска, во системот се внесени нови 32.247 податоци за вработените. Од овие, 21.827 податоци за вработени кои воопшто сме ги немале до сега, додека 10.420 податоци кои претставуваат ажурирање на претходно доставени податоци. Моментална бројка на вкупно внесени вработени се 91.653. Нашата цел не е казнување на вработените. Затоа, денес сите ќе ја добијат платата за месец октомври. Но, наша цел е воведување на ред во системот и обезбедување на точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор во ИСУЧР, согласно закон. Впрочем, граѓаните имаат платено над два милиони евра за овој систем за управување со човечки ресурси – рече Манчевски.
На овој начин се постапува и по забелешката на Државниот завод за ревизија, каде беше наведено дека Информациониот систем за управување со човечки ресурси не се користи во целосен капацитет.