Од влегувањето во НАТО, воениот буџет на ЦГ мошне се зголемува и тоа ќе продолжи додека не се исполни барањето за одвојување два отсто од БДП за одбрана, кое ќе биде достигнато во 2024 година
Црна Гора склучи договор со Соединетите Американски Држави за испорака на 67 оклопни возила, кои чинат 36 милиони долари. Ова е прва набавка на воени возила за црногорската војска во последните 40 години. Станува збор за популарните „хамери“, а првиот контингент од овие возила ќе пристигне следната година. Црна Гора ќе биде првата земја во Европа што ќе ги има овие возила во составот на вооружените сили, а ќе бидат купени на кредит, пишува „Дојче веле“, во текстот посветен на Црна Гора, која стана најмлада членка на НАТО, во контекст на последните случувања околу вооружувањето на земјите од Западен Балкан.
Порталот „Балканска безбедносна мрежа“ објави дека САД одобриле помош во висина од 110 милиони долари за четири земји од регионот, во рамките на програмата за замена на борбените системи од периодот на Советскиот Сојуз со наоружување од западно потекло. Пентагон ќе ги плати набавките на борбени возила за војските на Хрватска и Македонија и хеликоптерите наменети за вооружените сили на Босна и Херцеговина и за Албанија. Сепак, вложувањето во модернизацијата на војската на Црна Гора е минорно во однос на тоа што го прават соседните земји во последните години. Србија и Хрватска вложуваат стотина милиони за нови авиони, хеликоптери и за друго оружје. Србија купува и бесплатно добива воена опрема и оружје од Русија, а Хрватска планира да набави борбени авиони од САД.
– Овие лесни патролни возила претставуваат значаен исчекор во модернизацијата на војската на Црна Гора. Нашата копнена сила ќе ја достигне неопходната способност за разместување, маневри, мобилност и заштита. Со тоа ќе достигне ниво на компатибилност со сојузничките земји во НАТО и партнерските држави – изјавија од Министерството за одбрана на ЦГ за „Дојче веле“.
Ова е втора поголема воена набавка од влегувањето на Црна Гора во НАТО. Лани пристигнаа трите хеликоптери набавени од Канада. Со нив се овозможува транспорт на војници и воздушна поддршка за копнените единици, медицинска евакуација и спасување и помош на локалното население во случај на природни непогоди.
Од влегувањето во НАТО, воениот буџет на ЦГ мошне се зголемува и тоа ќе продолжи додека не се исполни барањето на американскиот претседател Доналд Трамп, секоја земја-членка на НАТО да издвојува по два отсто од БДП за одбраната. Во 2018 година средствата за одбрана во ЦГ беа околу 51 милион евра, а годинава тие се поголеми од 61,6 милион. Според планот, нивото од два отсто за одбрана ќе биде достигнато во 2024 година.
Во контекст на регионалното вооружување, српскиот претседател Александар Вучиќ нагласи дека покрај Србија последните години засилено се вооружуваат и соседните земји, како што се Бугарија, Романија, Унгарија, Албанија, како и Црна Гора.
Дел од опозицијата остро се противи на влегувањето на Црна Гора во НАТО и смета дека нејзиното членство во Алијансата дополнително ќе им донесе товар на и така презадолжените граѓани. Нивните процени се дека воениот буџет за десет години ќе достигне најмалку 700 милиони евра и прашуваат што ќе добие земјата за возврат на тие пари, кои би можеле да бидат искористени за изградба на нови училишта, градинки… Одговорот од Министерството за одбрана е дека во случај да не е НАТО-членка, земјата ќе треба да одвојува многу повеќе за системот за одбрана. Како аргумент се наведува и тоа што и бројноста на армијата ќе треба да биде повисока, од сегашниот состав. Војската на Црна Гора сега има 2.368 војници.