Актуелниот европски првак Вардар и Киелце ремизираа 28-28 во дерби-мечот на ракометната Лига на шампионите, одигран попладнево во „Јане Сандански“.
Вардар стекна предност од 10-5 по што Киелце возврати со серија од четири гола. Потоа се играше изедначено за првото полувреме да заврши со предност на „црвено-црните“ од 17-16.
Домаќинот го отвори вториот дел со низа од три погодоци, но потоа уследи период од 10 минути без реализација, што гостите го искористија за да направат пресврт со шест гола едноподруго (22-20), а потоа да поведат и со 25-22.
Вардар успеа да се врати во водство 28-27 во самата завршница, по што гостите изедначија. Европскиот првак имаше напад за победа, но најефикасниот играч на Вардар Сташ Скубе (стрелец на седум гола) не го искористи.
Иван Чупиќ ја затресе противничката мрежа петпати, а Стојанче Стоилов беше прецизен четирипати. На голот на Вардар се истакна Калифа Гебдан со 12 одбрани, од кои 10 во второто полувреме.
Блаж Јанц беше прв стрелец кај Киелце со седум погодоци, додека Алекс Душебаев имаше пет, а Игор Карачиќ три реализирани удари.
Вардар има четири победи, едно реми и два порази, по седум одиграни натпревари во ЛШ. Во следното коло македонскиот претставник му гостува на Киелце, на 16 ноември.