Бројот на странските работници во една фирма не смее да биде поголем од една третина од вкупниот број вработени
Хрватската влада повеќе нема да ги одредува квотите за увоз на странски работници. Работодавците во иднина ќе вработуваат работници од надвор врз основа на состојбите на пазарот на трудот што ќе ги анализира Хрватскиот завод за вработување (ХЗВ), а во некои занимања увозот на странските работници целосно ќе се либерализира.
Според новиот закон, работодавците што сакаат да вработат лице од странство ќе треба да се обратат до ХЗВ, која ќе провери дали во нејзината евиденција има невработено лице од Хрватска, кое ги задоволува барањата на фирмата што бара работници. Доколку нема, заводот ќе издаде мислење врз основа на кое хрватското министерство за внатрешни работи ќе издаде дозвола за работа за странскиот работник, пишува „Вечерњи лист“.
Анализа на пазарот нема да се прави за сезонските работници во земјоделството. Во законот се предвидени и исклучоци, односно станува збор за работодавците на кои нема да им биде одобрено вработување странец. Тоа се однесува на оние сопственици на фирми против кои се води постапка за неисплатени плати на вработените, кои се во процес на ликвидација или сметката им е блокирана подолго од 30 дена, кои не ги плаќаат даноците или немаат вработени. Категорично е наведено дека учеството на странците во вкупниот број вработени кај еден работодавец не смее да биде поголем од една третина.
Во Хрватското здружение за работодавци предлагаат за 2020 година да се воведе привремена квота од 81.600 работници. Како негативна страна се наведува дека целосното отворање на австрискиот пазар за странски работници дополнително ќе предизвика одлив на хрватски граѓани.
Претседателот на здружението на работодавци Давор Мајетиќ, нагласува дека е потребна изработка на модел за вработување што ќе биде во конкуренција со земјите од опкружувањето, што наметнува и квалитетна подготовка на целиот систем.
– Проверката на фирмите заради одобрување увоз на работници може да донесе нови административни трошоци, бидејќи досега од работодавецот се бараше само доказ за регистрација на трговското друштво – вели Мајетиќ.
Синдикатите се противат на либерализацијата за ангажирање странска работна сила. Синдикалците се плашат дека новиот закон ќе може да го прекине растот на платите. Претседателот на Независниот хрватски синдикат, Крешимир Север, вели дека досегашните квоти за работници им овозможуваа на фирмите да ја градат конкурентноста на сметка на недоволно платените домашни работници, наместо да вложуваат во новите технологии и производствени процеси.
– Ваквата политика ја одобруваа сите претходни влади во Хрватска, затоа што долгорочно се сметаше на работниците од соседните земји. Резервите на работна сила од околните земји се намалија така што новите работници, кои би работеле за ниски плати, може да ги бараме само во Украина и Бангладеш. Никој не се прашува зошто во дефицитарните занимања нема доволно работници – вели Север.