Драмата „Официјални тајни“ (Оfficial Secrets), заснована на вистинската приказна за британската укажувачка Кетрин Ган утре во 18 часот премиерно ќе биде прикажана во „Кино Фросина“ во МКЦ како дел од дополнителната програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.
Годинава ИФФС за првпат ќе прикаже и игран филм. Холивудската актерка Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак. Ган во медиумите споделува документ што докажува дека американската разузнавачка агенција НСА нелегално прислушкува членови на Советот за безбедност на Обединетите Нации со цел да се изгласа нападот врз Ирак.
Кога во 2003 година, Велика Британија и САД се подготвуваат за војна во Ирак, преведувачката Ган објавува доверливи информации со кои се обидува да го спречи нападот. Обвинета за прекршување на т.н. Одредба за официјални тајни, ризикувајќи затворска казна и соочувајќи се со силен притисок, Ган е принудена да ја брани својата одлука.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во „Кино Култура“ по трет пат го организираше Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.