Во Сплит денеска се промовираше книгата „Првопластика“, која беше искористена за одбележување на 20-годишнината од првиот европски трофеј на кошаркарскиот клуб Југопластика, со победата над Барселона во 1989 година.
Гости на прославата беа славниот член на генерацијата Дино Раѓа, како и српскиот тренер Божидар Маљковиќ, кој со три клуба ја освои Евролигата (Југопластика, Лимож и Панатинаикос).
– Тогаш губевме малку натпревари, а еден од нив беше во февруари таа година од Барселона. Направив грешка и ги однесов кошаркарите да ги видат трофеите на Барселона и тоа премногу ги импресионираше. Тогаш кошарката беше поинаква. Да имаше состаноци меѓу првите луѓе на тие клубови, Босна, Цибона, Партизан, Звезда, Скопје, Чачак, Љубљана, сигурно немаше да има војна. Се работеше за врвни луѓе кои водеа врвни клубови и имаа влијание на еден министер – изјави Маљковиќ.
И Раѓа беше носталгично расположен.
– Имавме вистински тим околу себе, не само Божо, туку и другите тренери. Никој не мислеше на парите и следните договори туку само сакаше да игра кошарка. Тоа им фали на сегашниве деца, да играат баскет. Кога тој ентузијазам го пренесовме на терен, тогаш немавме респект за никого. Барселона беше чудо од тим, но влеговме без страв – кажа Раѓа.