Храна за социјално загрозени граѓани ќе може да се донира денеска до 18 часот на 19 локации во Скопје, Велес, Битола, Штип, Кочани и Гевгелија, во рамките на националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000″. Целта на акцијата, што ја организира Асоцијацијата „Сите сити”, е да се соберат 10 тони храна наменета за 10.000 социјално загрозени граѓани.
Oд Асоцијацијата порачуваат сите хумани граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива, на пример: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Организациите што се членки на „Сите сити” водат евиденција за различни категории социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, а дел ќе им биде однесена до нивните домови.
Според Државниот завод за статистика, во државава проблем да обезбедат храна имаат 445.099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно, наведуваат од Асоцијацијата.