Владислав Ковалев

Боите на европскиот првак од 2016 година на ЕКК годинава ќе ги бранат по двајца шахисти од Македонија (Недев, Панчевски) и од Русија (Инаркиев, Андрејкин) и по еден од Азербејџан (Мамеѓаров), Белорусија (Ковалев), Украина (Криворучко) и од САД (Шакланд)

Повеќекратниот македонски машки шаховски првак Алкалоид (просечен рејтинг 2.706) е прв фаворит за освојување на годинашниот Европски клупски куп (ЕКК), кој ќе се одржи во Улцињ, Црна Гора (10-16 ноември) во седум кола. Алкалоид во 2016 година во Нови Сад првпат стана европски првак, а следната година беше второпласиран.

По три години редовно учество, годинава ќе ги нема заедно кинеските шахисти Лирен Динг и Јангуи Ју, кои треба да настапат на т.н. Мисловни игри во Кина. Но во составот повторно се враќа Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров, а првпат на ЕКК за Алкалоид ќе настапат Русинот Ернесто Инаркиев (европски првак во 2016), Американецот Сам Шакланд (првак на САД во 2018) и првата табла на Белорусија, Владислав Ковалев (шампион на Белорусија во 2016).

Од македонските играчи тука се стандардните, ВМ Трајко Недев и ИМ Филип Панчевски, а од интернационалците Русинот Дмитри Андрејкин и Украинецот Јури Криворучко, кои беа дел од тимот кога клубот стана европски првак во 2016 година.
По повеќегодишно редовно учество нема да настапи машкиот тим на Гамбит Асеко СЕЕ. На ЕКК (натпреварување како што е Лигата на шампионите во фудбал, на пример), засега се пријавени 69 екипи од 49 држави (со вкупно 129 велемајстори, не сметајќи пет екипи, кои уште не го објавиле составот, но и нема да играат некоја голема улога за врвот).

Најголеми конкуренти на Алкалоид ќе му бидат чешки Аве Нови Бор (просечен рејтинг 2.699), италијанска Падова (2.696) и руските Медни Всадник (2.687) и Ло енд ордер (2.614). На списокот на играчи не фигурираат првите шест на актуелната светска рејтинг-листа (Магнус Карлсен, Фабијано Каруана, Лирен Динг, Аниш Гири, Јан Непонијашчи и Максим Вашер-Лаграв). На претходниот ЕКК во Грција настапија 434 шахисти од 47 држави со 105 ВМ. Алкалоид тогаш беше шести, а Гамбит Асеко СЕЕ одличен осми.

Во женска конкуренција, пак, ќе настапат вкупно 62 шахистки од 16 клуба, а македонскиот претставник Гамбит Асеко СЕЕ е рангиран 10-ти (просечен рејтинг 2.241). Боите на клубот ќе ги бранат по една Македонка, Русинка и Србинка и две Бугарки. Главни фаворитки се украински Киев (2.449), Серкл д’чес од Монако (2.466) и грузиска НОНА (2.457). Гамбит Асеко СЕЕ во 2015 година го постигна најголемиот успех во женскиот клупски шах кога го освои сребрениот медал на ЕКК. 


ПРОСЕЧЕН РЕЈТИНГ ПРЕД ЕКК
Алкалоид 2.706
Аве Нови Бор 2.699
Падова 2.696
Медни всадник 2.687
Ло енд ордер 2.614

Состав на Алкалоид
ВМ Шакријар Мамеѓаров 2.767
ВМ Дмитри Андрејкин 2.741
ВМ Сам Шакланд 2.705
ВМ Ернесто Инаркиев 2.693
ВМ Јури Криворучко 2.669
ВМ Владислав Ковалев 2.661
ВМ Трајко Недев 2.500
ИМ Филип Панчевски 2.490

Состав на Гамбит Асеко СЕЕ
ИМ Нургул Салимова 2.415
ФМ Белослава Крстева 2.261
ЖИМ Сандра Ѓукиќ 2.179
ЖФМ Викторија Бухтеева 2.119
Ивана Манова 1.795