Ѓорги Петков, 63-годишниот доктор-инфектолог, починал од срцев удар на Хималаите во обидот да го искачи највисокиот врв на светот
Македонскиот планинар Ѓорѓи Петков, 63-годишниот доктор-инфектолог од Гевгелија, починал од срцев удар на Хималаите во обидот да го искачи највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри), објави порталот „Тајмс“ од Непал. Петков бил дел од експедицијата предводена од британскиот алпинист и лидер за комерцијална експедиција, Тим Моусдејл од Лондон, со која пред пет години на Монт Еверест се искачуваше и Илина Арсова. Тој се наоѓал во базниот камп 3 на 7.200 метри надморска височина каде што колабирал при подготовките за финалната маршрута на искачување на Монт Еверест од јужната страна. Веста за смртта на Петков ја потврдил шерпасот Ками Нуру, менаџер на базниот логор.
На 1 мај годинава Петков бил на околу 1.000 метри до врвот, но заради неопходната аклиматизација на големите височини, по трите ноќевања на 7.800 метри, осумчлената експедиција, во која само Петков беше Македонец, се вратила во базниот логор 3 за дополнителна аклиматизација.
– Петков беше наш долгогодишен член со големо искуство, истакнат планинар и алпинист со повеќе искачени врвови на речиси сите континенти. Тој се имаше искачено на Елбрус (5.642 метри), на Аконкагва (6.960 метри), на Килиманџаро (5.895 м), на Пик Ленин (7.134 м), на Мон Блан (4.848 м), на Арарат (5.174 м), на Мекинли (6.183 м) и на многу други врвови. Јас последен пат се чув со него пред десетина дена, беше во добро расположение, тој и другите членови во експедицијата чекаа поволно време за да се искачат на „покривот на светот“. Искачувањето таму му беше голема желба, за жал, не му се исполни – вели претседателот на планинарскиот клуб „Кожуф“ од Гевгелија, Ристо Каркалашев.
Неизвесно е како, кога и дали воопшто ќе бидат пренесени посмртните остатоци на Петков во Македонија и во Гевгелија. Неофицијално дознаваме дека целата операција за транспортирање на неговото тело од Непал до Македонија би чинела околу 40.000 долари што остава простор тој да остане да почива таму. Дел од потребната сума за транспорт би покрило неговото лично осигурување, а другиот дел би требало да го обезбеди семејството на Петков, евентуално градот Гевгелија и неговото матично планинарско друштво „Кожуф“, кои му помогнаа во реализацијата на проектот „Монт Еверест“.