На средбата со Нимиц ќе се разговара за сите прашања, затоа што се наоѓаме на чекор пред постоење договор, вели алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, во интервју за државната телевизија ЕРТ, но додава дека едно прашање влијае на друго и затоа не можеме со сигурност да говориме за договор и дека „ништо не е договорено, ако не се договори сѐ“.
– Како што знаете имаме паралелни процеси, оној во ОН и оној меѓу двајцата министри за надворешни работи. Постојат имиња на масата од господинот Нимиц, познати се имињата, но на средбата на министрите за надворешни работи падна и последното име предложено од скопската страна. Сега кога ќе се сретат во Њујорк двајцата министри за надворешни работи, во координација со Нимиц паралелно ќе се разговара за сите прашања затоа што се наоѓаме точно на чекор пред да постои договор – објаснува Јоргос Катругалос во интервјуто.
Aлтернативниот министер за надворешни работи одби директно да го коментира последниот предлог за „Република Илинденска Македонија“, објаснувајќи дека не сака и нема да спомене ниту една точка од преговорите, „затоа што преговорите не се водат преку медиумите“, но повтори дека во однос на името Грција бара географска или временска одредница, но и да има две конкретни карактеристики.
– Секој договор се разгледува како пакет. Тоа значи дека ги разгледуваш предлозите еден по еден дел. На пример, името треба да има две карактеристики. Треба да го разликува грчкиот и историскиот карактер на нашата Македонија од соседната земја и второ да не содржи елементи на иредентизам, вели Катругалос.
Тој додава дека идеално за Грција би била географска или временска одредница, „но и овие работи се прашање на толкување“.
– Сигурно го имате видено видеото што кружи на интернет во кое Бакојани вели дека „Нова Македонија“ е географска одредница. Ние не сакаме да имаме таква креативност, сакаме договорот на крај да биде јасен и да ги има карактеристиките што ги споменав – додава алтернативниот МНР на Грција.
Говорејќи за постигнатиот напредок, Катругалос го спомена прифаќањето на ерга омнес име и уште еднаш го повтори неговиот став дека е воздржан оптимизам за можноста за договор.