Согласно одлуката на Градоначалникот Петре Шилегов, денеска почна демонтажата на угостителскиот објект на кровот на ГТЦ. Со овие активности, велат од Град Скопје, ќе се изврши демонтажа на изѕиданите сидови од сипорекс блокови, демонтажа на кровниот покрив и демонтажа на челичната конструкција над подот.
– По реакциите на граѓаните најпрво беше донесена одлука за стопирање со работите на времениот објект. Во предвид беа земени општата и стручната јавност, и по консултациите со Асоцијацијата на Архитекти и Иницијативата „Го Сакам ГТЦ”, Град Скопје донесе одлука за демонтажа на објектот, а на неговото место ќе биде посадена трева со ниско украсни цветни аранжмани, во согласност со постојниот проект за зелен покрив на ГТЦ – информираат од прес-службата на градот.
Оттука додаваат дека работата на останатиот дел од кровот е во полн ек и во текот на следната недела ќе почне поставувањето на земјената подлога, а кон крајот на овој месец може да се очекува поставувањето на првото зеленило.