За селекторот Брестовац овој турнир ќе биде прв филтер во формирањето на кадетската селекција на Македонија за ЕП – дивизија Б, следната година
Македонската машка кадетска ракометна репрезентација вчера отпатува за бугарскиот град Гоце Делчев, каде што во следните три дена ќе биде дел од кадетскиот Балкански шампионат. За ракометарите родени 2002/2003 година ова ќе биде втор репрезентативен собир, по априлското учество на турнирот во Унгарија, кога селекцијата настапи под водство на тренерите Андријана Будимир и Дарко Петровски. Во Бугарија ракометарите ќе ги предводи селекторот на сениорите, Данило Брестовац.
Покрај Македонија и домаќинот Бугарија, дел од балканскиот шампионат ќе бидат и селекциите на Романија и на Косово. Во првиот меч на турнирот (утре – 16 ч.) македонските кадети ќе се сретнат со своите врсници од Романија, следен е дуелот со Косово (сабота – 16 ч.), а во последниот дуел (недела – 12 ч.) противник ќе им биде домаќинот Бугарија.
За селекторот Брестовац, овој турнир ќе биде прв филтер во формирањето на кадетската селекција на Македонија, која в година во Скопје ќе биде домаќин на Европското кадетско првенство – дивизија Б, и на кое четврти пат ќе се брка пласман меѓу елитата на ЕП. Освојувањето, пак, на првото место на Првенството на ЕХФ, Македонија ќе ја смести ранг погоре во кадетска конкуренција, а ранг погоре ќе се качи и пионерската селекција, односно ракометари, родени 2004/2005.