Најмалку сто лица, од кои најголемиот дел демонстранти, се убиени, а околу 4.000 се ранети во Ирак, од почетокот на масовните демонстрации во земјата. Новиот биланс на жртви го соопшти ирачката владина Комисија за човекови права. Само вчера биле убиени најмалку четиринаесет лица на протестите во Багдад каде што припадниците на безбедносните сили пукале во демонстрантите.
Најголем број од жртвите се убиени со огнено оружје, а меѓу убиените има и шест полицајци. Освен во Багдад, демонстрации биле одржани и во други градови, претежно во јужниот дел на земјата. Најголем дел од учесниците на протестите се млади луѓе, кои бараат отворање работни места, сузбивање на корупцијата и функционална јавна служба.
Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН во Ирак, Жанин Хенис Плашерт, го осуди насилството, повикувајќи дека тоа мора да запре.
– Пет дена на извештаи за смрт и повреди. Ова мора да запре. Ги повикувам сите страни да направат пауза и да размислуваат. Оние што се одговорни за насилството треба да бидат казнети. Духот на единство нека преовладее низ Ирак – порача Плашерт.