Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска ќе пристигне во дводневна официјална посета на Србија, чиј домаќин ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Како што беше најавено, свечениот пречек ќе се одржи во 12.30 часот пред Палатата на Србија.
Двајцата претседатели ќе ја посетат изложбата „Србија и Турција во документите на Османлискиот архив и архивите на Србија“, а потоа ќе водат сесија на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Турција и ќе се обратат до медиумите.
Потоа, Ердоган и Вучиќ ќе присутвуваат на српско-турскиот бизнис форум и ќе разговараат за економската соработка на двете земји и плановите за нејзино подобрување.
Вториот ден од посетата ќе биде проследен со трилатерален самит на Србија, Турција и Босна и Херцеговина, на кој ќе присуствуваат и тројцата членови на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ.
Утре попладне свечено ќе биде означен почетокот на градежните работи на автопатот Белград – Сараево.
Со Ердоган, во Србија ќе пристигнат повеќе од 100 турски бизнисмени од различни области.
Покрај капиталниот инфраструктурен проект, автопатот меѓу главните градови на Србија и БиХ, во тек се значајни проекти со Турција, како што е реконструкција на патот Нови Пазар – Тутин. Исто така, најавено е дека за време на посетата, Ердоган ќе отвори пет турски компании и ќе постави камен темелник за изградба на една фабрика.