Скендер Бузаку, поранешен секретар на скопското муфтиство при Исламската верска заедница, вчера до Основното јавно обвинителство доставил материјали, кои, според него, покажуваат дека Сулејман Реџепи, поглавар на ИВЗ, сторил кривични дела перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување.
Според Бузаку, станува збор за финансиски криминал тежок седумстотини илјади евра, а оштетени се верниците што годинава заминале на аџилак. Тој тврди дека Реџепи им наплаќал далеку повисока цена за такса за престој и парите ги уплаќал преку агенција регистрирана во странство, наместо директно на сметката на саудиското министерството.
– Доказите што ги доставив до ОЈО укажуваат на фактот дека осомниченото лице има сторено кривично дело со кое е нанесена штета од големи размери, присвојување парични средства во износ од над 700 илјади евра, уплатени оваа година. Има фактура од 2019 година, трансфер на средства и докази. Утврдената штета е 700 илјади евра. За престој во Саудиска Арабија, ИВЗ ѝ платило 650 илјади денари на приватна фирма. Таксата за престој е утврдена во износ од 510 евра и парите треба да се уплатат директно во саудиското министерството за аџилак – тврди Бузаку.
Бузаку очекува Обвинителството да ги преземе сите потребни дејства, и појасни дека во наредниот период ќе продолжи да објавува нови докази за извршени кривични дела од страна на Реџепи.
Според неофицијалните информации, станува збор за над 1.400 измамени верници. Од ИВЗ засега се без коментар околу наводите на Бузаку.
Изминативе неколку години во ИВЗ, како по правило, во одредени временски периоди се случуваат турбулентни процеси, и тоа речиси по правило во чувствителни периоди на крупни политички превирања или одлуки за државата.