Бојан Велески, студент на Филозовскиот факултетот на отсекот историја на уметноста и фотограф, со повеќе награди и признанија на разни манифестации на кои учествувал, утревечер ќе ја има својата прва самостојна излижба во ликовниот салон на Центарот за култура во Кичево, со почеток во 20 часот.

Тој на изложбата ќе се претстави со десет фотографии на платно од голем формат и колекција од осум слики на платно, мал формат.

– За првпат со своја самостојна изложба ќе се претставам во родното Кичево. За оваа изложба имам подготвено десет фотографии со формат 70Х50 на платно и втора колекција од осум слики на платно во мал формат 25Х20. Тематиката на изложбата е минималистички приказ на природни форми што ги среќаваме околу нас, но не ги забележуваме. Инспирација за овие слики ја имам добиено од прошетки во природа, каде и покрај толку многу снег, природава си го наоѓа патот нагоре и ништо не ги спречува да излезат на површина – истакна Бојан Велески, на кого фотографијата му е опсесија и со неа се занимава околу четири години и никогаш не се дели од својот фотоапарат.

Тој во изминатиот период освои и повеќе награди и тоа, прво место на натпреварот за фотографија „Излези надвор“, второ место на натпреварот за фотографија „Граѓански новинари“, МЦМС Скопје-2018, и сертификатот за завршен курс по фотографија „Џолев и уметноста“- Скопје 2016.

З.А.