Светската фудбалска федерација (ФИФА) од следната сезона ќе го ограничи бројот на играчи, кои клубовите ќе можат да ги даваат на заем. Исто така, ќе се ограничи и износот на провизиите што ќе им се исплаќаат на агентите за нивното посредување при трансферите на фудбалерите. Во соопштението на ФИФА се вели дека таа презела „серија битни чекори за заштита на интегритетот на системот и за спречување злоупотреби“, пренесе агенцијата АФП.
Од следната сезона, бројот на позајмени играчи во странство треба да биде ограничен на осум, со тоа што таа бројка треба да опаѓа прогресивно, на шест, до сезоната 2022/2023. Бројот на играчи што ќе можат да бидат позајмени помеѓу два исти клуба ќе биде ограничен на тројца. Тоа ќе се однесува само на играчи на возраст над 21 година, или што не потекнуваат од клубот, на возраст до и под 21 година. ФИФА на својата интернет-страница објави дека „овие мерки се насочени да се спречи задржување на играчите и да се обезбеди заемите да имаат спортска цел за развој на младите, наспроти комерцијални цели, како и ограничувања на меѓународни позајмувања на играчи на возраст од 22 години и постари“.
– Развојот на играчите страда бидејќи тие се преместуваат од еден клуб во друг без јасен план за нивната кариера. Сегашниот систем на заеми им овозможува на клубовите да ангажираат многубројни играчи и потоа да ги позајмуваат во други клубови – пишува во доверлив документ на ФИФА што го пренесува агенцијата АФП.
Во документот се наведува дека земјите-членки на ФИФА ќе имаат период од три години да ги спроведат правилата во врска со заемите на фудбалерите „во согласност со принципите на ФИФА“, пишува АФП.
Во меѓувреме, во обид да се намалат парите што ги добиваат менаџерите, специјалниот Комитет на ФИФА се согласил да ги ограничи провизиите. Тоа значи дека клубот што продава не ќе мора да му плати на менаџерот повеќе од 10 проценти од трансферот затоа што посредувал во нивно име. Менаџерите што го претставуваат играчот ќе добијат максимум три проценти од вкупната трансфер-сума и уште три проценти од клубот што го купува играчот.
ФИФА на својата интернет-страница објави дека „овие нови мерки во врска со агентите доаѓаат по неколку предлози што веќе беа одобрени минатата година, а во моментов се развиваат од администрацијата на ФИФА“.
– Ова е важен чекор кон тоа трансферите да бидат поморални – изјави претставник на ФИФА за новинарите во Цирих, а пренесе АФП.
Предложените мерки треба да бидат одобрени на претстојниот состанок на Советот на ФИФА во Шангај, закажан за 24 октомври.