Момент од мечот во Љубљана

Словенците најавуваат реванш за ремито во 2-то коло, а селекторот Кек ги повика истите играчи што во септември забележаа две победи. Македонскиот
селектор Ангеловски ќе го објави списокот в четврток и најавува дека ќе бидат повикани фудбалерите што од двете гостувања се вратија со четири бода

Селекторот на фудбалската репрезентација на Словенија, Матјаж Кек, вчера на Брдо крај Крањ го објави списокот на фудбалери за претстојните квалификациски средби за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, против Македонија, на 10 октомври во Скопје и против Австрија, во Љубљана три дена подоцна. Кек не експериментираше, на неговиот список се фудбалерите што минатиот месец забележаа две важни победи, над Полска (2-0) и над Израел (3-2) со кои Словенија се искачи на втората позиција со 11 бода, два помалку од лидерот Полска.

„Кек се потпира на проверената формула“, односно „екипата што победува не се менува“, пишува во дел од словенечките медиуми, кои додаваат дека добра околност за селекторот е што играчите на кои смета се здрави и настапуваат за нивните тимови. Словенците по двете врзани победи се во оптимистичко расположение и најавуваат дека се подготвени да ѝ се реваншираат на Македонија за ремито во второто коло (1-1) и да ги зголемат шансите за пласман во завршницата на ЕП 2020.

Македонскиот селектор Игор Ангеловски в четврток ќе го објави списокот со 23 играчи за средбите со Словенија и со Полска, на гости во Варшава, на 13 октомври.

– Морам да почекам и да видам каква ќе биде ситуацијата со повредите на Енис Барди, Стефан Ристовски и на Дарко Велковски и дали тие ќе бидат спремни за важните и тешки натпревари. Што се однесува до составот, ако ги изземеме тројцата играчи, ќе нема промени, односно ќе бидат повикани истите што во септември од двете гостувања, во Израел (1-1) и во Летонија (2-0) се вратија со четири бода. Собирот на фудбалерите е закажан за 7 октомври во Скопје, каде што ќе тренираме – ни изјави Ангеловски. 


На списокот на Кек и интернационалец од САД

Селекторот на Словенија, Матјаж Кек, за мечевите со Македонија и со Австрија во квалификациите за фудбалското Европско првенство во 2020 година ги повика следните фудбалери: голмани: Вид Белец (АПОЕЛ, Кипар), Јан Облак (Атлетико, Шпанија), Нејц Видмар (Олимпија); одбрана: Јуре Балковец (Емполи, Италија), Миха Блажич (Ференцварош,Унгарија), Бојан Јокиќ (Уфа, Русија), Урош Корун (Гливице, Полска), Миха Мевлја (Сочи, Русија), Петар Стојановиќ (Динамо, Хрватска), Алјаж Струна (Хјустон Динамо, САД); среден ред: Јака Бијол (ЦСКА М., Русија), Јосип Иличиќ (Аталанта, Италија), Рене Крхин (Нант, Франција), Јасмин Куртиќ (Спал, Италија), Жан Мајер (Лече, Италија), Денис Поповиќ (Цирих, Швајцарија), Бенјамин Вербиќ (Динамо, Украина), Миха Зајц (Фенербахче, Турција); напаѓачи: Роберт Бериќ (Сент Етјен, Франција), Роман Безјак (АПОЕЛ, Кипар), Тим Матавж (Витесе, Холандија), Андраж Шпорар (Слован, Словачка), Лука Заховиќ (Марибор).