Доналд Трамп се соочува со можноста за импичмент поради телефонски разговор од јули со украинскиот претседател Владимир Зеленски, во кој американскиот претседател побара помош во врска со истрагата на неговиот веројатен противник во претседателската кампања во 2020 година, Џо Бајден. Во вторникот, Ненси Пелоси најави дека процедурата за импичмент започнува, пренесува „Гардијан“.
Но, објавениот разговор помеѓу двајцата претседатели ја остави ситуацијата замаглена. Точно е дека Трамп побара услуга, а го стори тоа поради неговата опсесија да докажува дека победил на фер начин на изборите во 2016 година. Тој ниту еднаш не спомнал никакви воени стратегии во разговорот од јули, а Зеленски бил заинтересиран повеќе за идни договори.
Секако, нивниот разговор додаде масло на огнот преку шпекулации и откритија кои излегоа во јавноста. Но, една од причините за новите потреси на американската политичка сцена, е тоа што демократите никогаш не успеаја да убедат доволно членови на Конгресот да покренат постапка за да се прекине претседателскиот мандат на Трамп порано.
Колку и да е незаслужен сиот успех на Трамп, не е за оспорување фактот дека, за секое обвинение кое доаѓа од страна на демократите како Берни Сандерс или Александрија Окасио-Кортез, доаѓа контра-аргумент со некакво оправдување од оние кои го поддржуваат во неговите постапки. Многумина тврдат дека неговата победа се должи на незаслужен успех. А дури и незаслужениот успех може да биде доволен за тој да победи на претседателските избори повторно во 2020 година.
Неговата изјава „сите се фокусираат на ловот на вештерки“ како што Трамп ја нарекува опсесијата на демократите со него, можеби е издржана бидејќи според него, тие не можат да го победат за време на гласањето и затоа бараат други, поинакви мерки.
Многумина веруваат дека импичментот на Трамп нема да доведе до решавање на политичката криза, туку дека промената треба да дојде од воведувањето на поинаков политички систем.