Градот Скопје и МАН потпишаа договор за купување 33 нови еколошки автобуси. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на вчерашната прес-конференција изјави дека новите автобуси што користат гас се енергетски ефикасни и дека нема да го загадуваат воздухот.
– Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра годишно само за гориво. Најголемата предност е што емитуваат значително помалку јаглерод диоксид или речиси воопшто не го загадуваат воздухот – вели Шилегов.
Според договорот, ќе се набават 21 нископоден автобус, со капацитет од 85 патници, и 12 зглобни нископодни автобуси, со капацитет од 149 патници.
– Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, новите трошат речиси двојно помалку гориво. Ова дополнително ќе ги намали трошоците на работењето на ЈСП „Скопје“ – кажа Шилегов на вчерашното потпишување на договорот со МАН.
Тој исто така најави дека за набавување на новите автобуси ќе бидат потребни седум месеци. Потсети дека пред седум години градот Скопје набавил 202 двокатни кинески автобуси на дизел, кои чинеле многу и се со лош квалитет. Автобусите секојдневно се расипуваат, а ЈСП „Скопје“ има проблем со кинеските автобуси поради непостоење овластен застапник и нема можност за нивно сервисирање и техничка поддршка. Од друга страна, новите автобуси се квалитетни, со двојно поголем капацитет и најважно е што не загадуваат.
Градот одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја направи по извршеното тест-возење во текот минатата година, кога низ Скопје пробно сообраќаа три различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус од различни производители, вклучувајќи го и автобусот од МАН, кој, според патниците, беше најдобро оценет и најсоодветен за јавниот сообраќај во Скопје.