Уметникот Игор Јосифов ќе ја претставува Македонија во Темишвар, Романија, со изложбата „Огнот внатре“, која во рамките на проектот „Консуларт“ еден месец ќе се одржува во почесниот конзулат на земјава, почнувајќи од 30 септември.
Кустос на изложбата е романскиот уметник Циприан Чирилеану, кој, како што посочува Јосифов, направил звучни инсталации инспирирани од огнот.
Проектот „Консуларт“ претставува копродукција со здружението „Дипломатик арт“ и е дел од програмата „Темишвар 2021“ – Европска престолнина на културата што ќе се одржува до 2022 година. Годинава во „Консуларт“ учествуваат и уметници од Република Молдавија и Германија, со дела во кои исто така учествуваат и уметници од Романија, а финансиер е тамошното Министерство за култура.
Почесниот конзулат на Македонија во Темишвар функционира во зграда од 18 век, лоцирана во историскиот центар, единствената од тоа време што имала балкон.
На балконот со кој се соочува улицата или на отворениот ходник во внатрешниот двор ќе се одржува мултидисциплинарната манифестација.
– Концептот „балкон“ е многу повеќе од само архитектонски елемент на надворешната или внатрешната фасада, што ги повикува креаторите да бараат симболи и значења.
Комбинира генерички уметнички пристапи на границата: јавен или приватен, затворен или надворешен, микро или макрокосмос, физика или метафизика и др. – укажуваат организаторите.