Традиционално, по тринаесетти пат, во петокот и саботата се одржа Меѓународната ликовна колонија, организирана од Детскиот ликовен центар, под покровителство на скопската општина Карпош. На падините на планината Водно, во манастирскиот комплекс „Св. Пантелејмон“, учениците од десет основни училишта од Карпош, заедно со своите врсници од збратимените општини Триадица од Софија, Бугарија, Врњачка Бања од Србија, Травник од Босна и Херцеговина и Тиват од Црна Гора, твореа и цртаа создавајќи ги своите ликовни творби, некои од нив вистински уметнички дела. Инспирација и мотив за уметничкото изразување учениците црпеа од манастирскиот комплекс и преубавата природа околу него.
– Меѓународната ликовна колонија, заедно со Карпошовото културно лето, кое заврши неодамна, се симболи на културата на општината Карпош, особено што овие манифестации имаат меѓународен карактер. Токму тука, на падините на нашата планина Водно, во преубавиот манастир, нашите основци од Карпош, заедно со своите врсници од Бугарија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ќе цртаат и ќе творат, на тој начин изразувајќи ги својата креативност и уметност. Преку оваа манифестација, ние создаваме своевидни културолошки мостови помеѓу нашите соседни држави и упатуваме една универзална порака, дека ликовното творештво и уметноста немаат национална боја – рече на отворањето претседателот на Советот на општината Карпош, Андреј Манолев.
А градоначалникот Стефан Богоев на основците им посака пријатен престој во земјава, со желба низ креативната работа да се стекнат со нови познанства и пријателства што ќе им останат за цел живот.
Меѓународната детска ликовна колонија заврши во саботата, со комплетирање на уметничките дела на основците. Сите учесници добија дипломи, а нивните творби беа изложени во Детскиот ликовен центар, во рамките на Кинотеката на Македонија.
– На 13-та традиционална меѓународна ликовна колонија за деца и младинци „Св. Пантелејмон“, која се одржи во петокот и саботата, од 10 до 14 часот, младите таленти од општината Карпош и од збратимените општини од странство цртаа и сликаа на сликарско платно со акрилни бои, карактеристични мотиви во комплексот на манастирот „Св. Пантелејмон“, во с. Горно Нерези. Нивната креативност и импресиите од колонијата се огледуваа во нивните дела – велат од организацискиот одбор на манифестацијата.
Дали сте знаеле…
„Св. Пантелејмон“ е манастирска црква во истоимениот манастир во селото Горно Нерези, на планината Водно, и се наоѓа осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата, изградена во македонски стил, и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е зачувано фрескосликарство, кое по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини.
Во втората половина на 19 век врз постариот живопис бил насликан нов, кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис. Врвно дело на главниот зограф се композициите „Оплакување Христово“ и „Симнување од крст“.