Во Музејот на градот Скопје во тек е изложбата „Допир на огнот“, која говори за големината и убавината на еден од најважните човекови пронајдоци
Стаклото има своја историја, околу нас е секојдневно, но кога ќе се влезе во музеј и ќе се погледне изложба што му е посветена нему се добива впечаток дека убавината му е поголема, исто како и вредноста. Особено денес, кога на планетава сѐ погласно се зборува за опасноста од пластиката, која во многу нешта успеа да го замени него, но не и да го долови вкусот на водата испиена од обична стаклена чаша! Во фокусот на отворената изложба во Музејот на градот Скопје, насловена „Допир на огнот – приказна за стаклото од музејските збирки на Црна Гора“, се впечатливи фотографии на стаклени експонати, но и цртежи и текстови преку кои публиката може да го следи патот на чудесното, древно човеково откритие, со посебен акцент на откритијата од стакло на територијата на оваа земја.
– Според легендата, која ја запишал римскиот природонаучник Плиниј Постариот, стаклото било откриено при еден среќен случаен настан. Имено, при подготвувањето гозба на брегот кај реката Бел, феникиските трговци употребиле сода во конструкцијата на огништето. Под дејство на огнот дошло до соединување на содата со песокот и на тој начин било добиено првото стакло. Приказната за стаклото започнува многу пред процутот на феникиската трговија, но каде што била откриена тајната за правење и примена на стаклото сѐ уште не може со сигурност да се каже. Поради тоа што првите познати стаклени предмети, разнобојни мониста датирани во средината на третиот милениум пр. н.е. потекнуваат од Месопотамија, потеклото на стаклото, главно, се бара некаде во таа област – вака започнува текстот од каталогот за изложбата на Милош Живановиќ, чија цел е презентација на новите сознанија и идеи за стакларството, занаетчиска и уметничка гранка, која создала творби со извонредна убавина и изработка.
Бројот и разновидноста на наодите од стакло во Црна Гора, пак, укажува тој, зборуваат за високите уметнички дострели на производителите на стакло, кои со право се вбројуваат во светските достигнувања.
– Првите стаклени предмети на почвата на Црна Гора се јавуваат во хеленистичкиот период, и тоа во раскошните гробови на илирската аристократија, која единствена била во можност да ги набави овие скапоцени предмети. Тука првенствено станува збор за накит или негови делови, а мошне ретко се откриваат шишенца за мирисливи масла. Најголем број стаклени предмети се пронајдени во тогашните значајни културни и економски центри од приморјето, како илирската Будва, но и во заднината на Јадранскиот Брег, во некрополите на Лабејатите, Доклејатите и другите илирски племиња – вели меѓу другото Живановиќ, кој заедно со Драган Радовиќ, е автор на изложбата.
Истакнато е, меѓу другото, дека стаклото изработено со дување од римската епоха претставува најбогата и најлуксузна збирка на стакло во Црна Гора, но и дека, според бројноста, предничат стаклените садови откриени во античките градови: Будва, Доклеја и Комини, каде што се среќаваат во речиси сите сегменти од римското секојдневие. Според исклучителната убавина се издвојува стаклото од Будва дувано во калап од први и втори век, познато во постарата литература како сидонско стакло. Особено место, пак, во доцноантичкото стакларство зазема дијатретата откриена во Муниципиум С(плонум) кај Комини, во близината на Пљевља. Со својата естетски совршена изработка таа сведочи за самиот врв на античкото стакларство.
– Во четвртиот век првпат се јавува производство на стакло на почвата од Црна Гора. Во центарот на античкиот град Доклеја се откриени објекти во кои се произведувале стаклени садови и накит. Меѓутоа, ова производство имало краток век на траење. Веќе во првите децении или кон средината на 5 век било прекинато производството на стакло во Доклеја. Како непосреден продолжеток на римското, се јавува рановизантиското стакло со значително стеснет репертоар и примена. Повеќето предмети што биле изработувани во 4 и 7 век се доведуваат во врска со потребите на литургијата, осветлувањето и украсувањето на ентериерот на црквите – вели Живановиќ, кој укажува и дека освен Византија, која ја наследила римската стакларска традиција, и исламскиот свет инспириран од доцноантичката сасанидиска традиција исто така го развива стакларскиот занает.
Тој посочува и дека во периодот на раниот и зрелиот среден век на Истокот се создава широк репертоар на стаклени предмети меѓу кои се издвојуваат луксузните емајлирани и позлатени садови од Сирија и Египет.
– Општото осиромашување на овие простори, кое се случувало по преселбата на народите резултирало со тоа што стаклото, до 12 век, воопшто и не било познато на територијата на Црна Гора. Единствените наоди на стакло од развиениот среден век биле откриени во Котор при археолошките истражувања на катедралата „Св. Трипун“. Меѓу многубројните фрагменти се издвојува византиското стакло, како и стаклото со силно исламско влијание, кое се датира во 12 век, кога градот бил под византиска управа – вели меѓу другото авторот на текстот.
Меѓу другото, Милош Живановиќ потсетува дека со паѓањето на Сирија под турска власт во 14 век водечката улога во стакларството ја презема Европа, односно Венеција, каде што се создаваат различни видови квалитетно стакло: кристално, емајлирано, со позлата, млечно, милефјори и др. Тогаш се случила вистинска ренесанса на стакларската продукција, кога по речиси десет века Медитеранот бил повторно преплавен со разновидни стаклени форми. Во Црна Гора стаклените наоди повторно се јавуваат во периодот од 14 до 16 век со мноштво типови и голема бројност. Мошне чести се во средновековните градови на црногорското крајбрежје, кои природно имале посилни врски со Јадранот. Според бројноста и исклучителната убавина, засенува стаклото од Стар Бар, кој од средината на 15 до крајот на 16 век бил под власта на Венецијанската Република. Во 17 век тежиштето на производство на стакло се преместува во Германија, Чешка и Англија, а современото стакло, кое честопати било занемарувано, истражувачите го откривале речиси на секој поголем постсредновековен локалитет. Особено во поголем број тоа е присутно во приморските градови Стар Бар и Улцињ. И уште еден значаен податок од светската историја, создавањето на првата автоматска машина за дување стакло патентирана од Мајк Овенс во 1903 година ги урнала тогашните високи и за многумина недостапни цени на стаклото, а во годините што ќе следуваат неговото производство ќе продолжи да пишува нова историја.
На изложбата „Допир на огнот“, меѓу другото, можат да се видат фотографии на шишенца во форма на двојни човечки глави откриени во Будва, а датирани од 70 до 199 година; урна со капак од 80 до 199 година; шише откриено во гроб во Доклеја, датирано меѓу 250 – 350 година и многу други музејски експонати.