Во Македонија сум првпат и драго ми е што сум дел од овој фестивал. Особено ми беше чест да се запознаам со братот на еден од моите гитарски херои, легендарниот Џими Хендиркс, 71-годишниот Леон. Тоа за мене е несекојдневно искуство што ќе го паметам засекогаш, вели Адам
Адам Фехер е 14-годишно талентирано момче од Унгарија, кое минатата недела првпат го посети Скопје, а повод беше неговото учество на „Блуз и соул-фестивалот“, кој изминатиот викенд се одржа во нашиот град, каде што беше најмладиот учесник. Настапи како дел од дуото „Терек-Фехер“, заедно со познатиот унгарски музичар Адам Терек, кој е на сцената веќе половина век.
И покрај генерацискиот јаз, очигледно во овој несекојдневен дует одлично функционира спојот на младоста и на искуството.
Со Адам се сретнавме во клубот „Станица 26“, каде што се одржуваше фестивалот и направивме краток разговор. Ова воспитано и љубезно момче ни откри дел од своите желби и планови, но и ни кажа дека гитара свири од својата седма година.
– Имам 14, а гитара свирам од неполни 7 години. Првите чекори ги направив со помош на татко ми, а првиот јавен настап го имав на 9 години. Како дванаесетгодишник почнав да свирам со Адам Текер, голема музичка легенда, особено во Унгарија. Бев почестен кога ме покани да настапувам со него и сега нѐ поврзува силно пријателство. Зборуваме за музика, но и за животот воопшто. Секој ден учам нешто ново од тие средби – ни рече талентираниот Адам Фехер, кој во нашиот град дојде заедно со својот татко Томас Фехер, кој е и негов менаџер.
Инаку, тој во моментот учи во регуларно училиште, оценките му се главно петки, а голема желба му е од в година образованието да го продолжи во музичко училиште во Будимпешта, но може и во некоја друга европска престолнина. Ни кажа и дека најмногу свири и слуша џез и блуз, но сака и рок, поп и рап-музика, односно сѐ што е добро.
Ни се довери и дека првпат е во Скопје, и оти му се допаѓаат градот, луѓето, но и гостите и атмосферата на фестивалот.
– Во Македонија сум првпат, пријатно се чувствувам во Скопје и драго ми е што сум дел од овој фестивал. Особено ми беше чест да се запознаам со братот на легендарниот Џими Хендиркс, 71-годишниот Леон. Џими е еден од моите гитарски херои и, навистина, тоа за мене е несекојдневно искуство што ќе го паметам засекогаш – вели Давид.
Тој ни рече и дека има повеќе другари со кои излегува кога има слободно време.
– Сакам да се дружам и да го правам она што го сакаат моите врсници, не само во Унгарија туку во целиот свет. Но, искрено, засега гитарата ми е најверен другар! – вели тој.
Според мислењата на познатите музичари во Унгарија и од странство, Ади, како што го викаат нагалено, одлично свири блуз и извонредно знае да импровизира.
Неговиот голем скок на музичката сцена се случил во ноември, 2015 година кога Адам Терек го поканил младиот Адам Фехер да му се придружи да свири со него и со групата „Д Мини“, на концертот во легендарниот клуб „Бем Рокпарт“. Младиот гитарист тогаш имал 10 години. Од тој момент, тие настапиле заедно на над 60 концерти, а од 2018 г. Ади и официјално стана член на „Д Мини“, а подоцна со Адам Терек оформија и дует, кој постигна голем успех на меѓународен план, а, ете, имавме можност да ги слушнеме и во Скопје.
Нивната музика е заснована на рок и блуз, при што ги интерпретираат на нивен оригинален начин класичните рок и блуз-мелодии, како и одредени балади на „Д Мини“.
Но ништо не е случајно, бидејќи Адам Терек отсекогаш бил поборник на младите и на талентираните музичари да им се дава поддршка.
Тој не само што е мајстор на блузот и рокот, туку е исто така мајстор да создаде неверојатна атмосфера на сцената од моментот кога ќе стапне на неа. Тој е светски познат флејтист, пејач, композитор и продуцент. На сцената е присутен од крајот на 1960-тите и се смета за татко на прогресивниот рок во Унгарија. Познат е по својот уникатен рок, блуз и џез-стил, извонредниот глас и мајсторството на флејтата, како и неговата позитивна личност и чувство за хумор. Во текот на неговата кариера, која трае 50 години, одржал 10 илјади концерти низ светот, снимил 30 албуми што се продадени во милионски тиражи.
Во 1990 г., ја претставуваше Централна Европа во Филаделфија, САД, со својот бенд од Швајцарија настапи пред речиси половина милион гледачи, а списанието „Се за флејтата“ го прогласи за еден од најдобрите рок-флејтисти во светот.
Неговиот ученик Адам Фехер, гитара учел симнувајќи ги плочите на познати унгарски и светски музичари, а од 10-та до 12-та година, како самоук гитарист успеал да ги совлада стиловите на неговите гитарски херои: Стиви Реј Вон, Хендрикс, Алберт Кинг, Би-Би Кинг, Гери Мур, Ерик Клептон…
На возраст од 11 години го објави првото цеде „Fehér Blues Factory – Taking off“, снимено во соработка со два одлични музичари, басистот Даниел Тарнаи и тапанарот Золт Себеледи, членови на славниот унгарски хардрок-бенд „П.Мобил“. Тој настапувал со голем број светски познати музичари како што се: Хенрик Фрешледер, Томи Катона, Клиф Мур, Еб Дејвис, поранешен член на „Дрифтерс“, Бен Пол…., како и со речиси сите врвни унгарски музичари и групи.
Редовно свири на најголемиот блуз-фестивал во Централна Европа – „Д Гатсроблуз“, а настапил и на историскиот „Табан фестивал“ пред 15 илјади посетители. Свирел и во познатиот „А-треин“, џез-клуб во Берлин и на многу други места.