Димитар Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на Народната банка на Македонија и за тоа го известил претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го предложи за нов гувернерски мандат.
– Би сакал да му се заблагодарам на претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов за довербата што ми ја даде со моето повторно предложување за прв човек на Народната банка, што за мене лично претставува валоризација на сработеното во изминатите седум години. Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер, за што веќе го известив претседателот – наведува Богов.
Тој верува дека во периодот што претстои ќе се најде решение и во најскоро време ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на Народната банка, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка.
– Народната банка не смее да се остави без гувернер. Очекувам решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија – истакна Богов, чиј мандат како гувернер на НБРМ завршува на 20 мај.