Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, во врска со наводите за извршени злосторства во војната во Косово, го повика на сослушување Лулзим Кабаши, поранешен командант на ОВК. Тој во Хаг треба да се појави на 24 септември.
– Хашките обвинители ме повикаа како сведок. Не сум воодушевен од овој повик, но тоа е постапка што треба да се направи. Секако дека ќе одам во Хаг. Сè што е во согласност со законот, е обврска – изјави Кабаши за БИРН.
Кабаши, претседател на разгранокот на Алијансата за иднина на Косово, на Рамуш Харадинај, во Призрен, рече дека повторно ќе се кандидира за пратеник на предвремените избори на 6 октомври, кои се распишани откако Харадинај, во јули, поднесе оставка на функцијата премиер.
Косово не учествува на самитот во Прага
Косово го откажа учеството на регионалниот самит во Прага по изјавите на чешкиот претседател Милош Земан, кој водачите на оваа поранешна српска провинција ги нарече „воени злосторници“, објави АФП.
– Косово испрати дипломатска нота во која се извинува за отсуството, откако претходно го потврди учеството – рече Јана Адамчова, портпаролка на чешката влада за АФП.
Во вторникот медиумите објавија дека Земан му кажал на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на неговата посета на Белград дека му се допаѓаат Србија и српскиот народ, но дека не го сака Косово. Земан, по средбата со Вучиќ, на заедничка прес-конференција рече дека ќе ја преиспита можноста Прага да го повлече признавањето на независноста на Косово.
– Земјата што ја предводат воени злосторници не треба да биде дел од заедницата на демократски земји – додаде Земан, алудирајќи на сегашните приштински власти.
Агенцијата потсетува дека Земан бил „познат како симпатизер на Русија и на Кина“.
Министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, во средата изјави дека Прага нема интерес да ја промени одлуката од 2008 година да го признае Косово како независна држава.