Првиот меч од новата сезона (27. како ЛШ, а вкупно 60. како најсилно европско клупско натпреварување) е дуелот од групата Ц, вечерва, помеѓу Кокс и Савехов. Вардар во првото коло в сабота гостува кај Монпелје, а Еурофарм в недела игра дома со Спортинг
Со денешниот меч (19 ч.) од групата Ц, помеѓу финскиот првак Кокс и шведскиот шампион Савехов, почнува 27-та сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) или 60-та вкупно (заедно со Купот на шампионите, кој се играл од 1956 до 1992 година) во најсилното европско ракометно клупско натпреварување. Во пресрет на новата сезона, сите екипи ги засилија своите редови и со нетрпение го очекуваат почетокот на сезоната.
Во претсезонското рангирање што традиционално го прави Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на секоја сезона, прв фаворит за титулата европски првак е унгарскиот шампион Веспрем. Бранителот на титулата Вардар и овој пат, како и лани, не доби висока оцена од ЕХФ, пред почетокот на сезоната, која го смести на седмата фаворитска позиција.
Улогата на втор фаворит ја има шпанскиот гигант Барселона, кој, според статистичките податоци на ЕХФ, го има најбрзиот контранапад што е едно од нивните главни оружја во реализацијата на најдобриот напад минатата сезона. Францускиот гигант ПСЖ, кој изминатите две сезони беше на првата позиција во претсезонското рангирање, годинава ја има третата позиција на листата на фаворити. Меѓу четирите најсериозни кандидати за титула ЕХФ го смести и повратникот во ЛШ, германскиот вицепрвак Кил, кој во подготвителните натпревари покажа завиден квалитет, што ветува борба за висок пласман.
Полскиот првак Киелце ја има петтата позиција, а шести е унгарскиот вицепрвак Пик Сегед. Со Фленсбург, Монпелје и Мешков ЕХФ ја комплетира листата од 10 фаворити за освојување на годинашната титула европски првак.
Македонските претставници во ЛШ, македонскиот и актуелен европски првак Вардар во 1-то коло (сабота 17.15 ч. пренос на МТВ) ќе му гостува на францускиот вицепрвак Монпелје, а Еурофарм Работник сезоната ќе ја почне на домашен терен (недела 17 ч., МТВ) против португалскиот вицепрвак Спортинг.
Вардарци ќе бидат дел од групата Б каде што ривали ќе им бидат и Веспрем, Киелце, Мешков, Кил, Порто и Мотор. Еурофарм, пак, ќе биде дел од групата Ц, каде што за една од првите две позиции што носат место во баражот за пласман во осминафиналето ќе игра со шведскиот првак Савехов, словачкиот шампион Татран, финскиот првак Кокс, шпанскиот вицепрвак Бидасоа Ирун и Спортинг.