Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денес, на прес конференција, ги презентираше најновите податоци соопштени од Државниот завод за статистика кои се однесуваат на растот на бруто домашниот производ и на намалување на невработеноста.
Тој потенцираше дека во вториот квартал на 2019 година, продолжи растот на бруто домашниот производ, пред се како резултат на развојот на реалната економија и без интервенции на државата.
– Растот на бруто домашниот производ во вториот квартал на 2019 година е уште на високи 3,1отсто, коишто практично и се очекувани и заедно со растот од првиот квартал од 4,1отсто, тоа е просечно раст од 3,6% во првата половина на годината, што е над предвидувањата и во буџетот којшто на почетокот беше детерминиран на 3,2 отсто, а потоа со ребалансот е корегиран на годишен раст од 3,5 отсто – нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Осврнувајќи се на состојбите на пазарот на трудот Анѓушев потенцира дека ДЗС забележа нова рекодно ниска стапка на невработеност од 17,5 отсто.
– Сакам само да потсетам дека невработеноста во вториот квартал на 2017 година беше 22,6 отсто, или ако сакаме во апсолутни бројки да кажеме во тој период од 2 години се вработени 54.391 лице. Од тие, само во вториот квартал на 2019 година вработени се 4869 лица и оттука е падот од 17,8 отсто на 17,5 отсто – појасни Анѓушев.
Индустријата, земјоделството, градежиштвото и трговијата се главните столбови на бруто домашниот производ и сите бележат раст во вториот квартал на 2019 година, кажа Анѓушев на прес конференцијата.
– Индустриското производство исто така е пораснато. Ако земеме само за месец јули, во споредба со истиот месец 2018 година тоа е пораснато за 5,8 отсто или ако земеме кумулативно за период од 1 до 7 месец 2019 година споредбено со истиот период лани бележиме раст од 4,9 отсто. Главните генератори на растот на економијата во нашата држава сеуште се индустријата, градежништвото, земјоделството и како резултат на овие гранки и трговијата. Јасно е дека стандардот се зголемува со оглед на покачувањето на нето платите за ефективни 10 отсто во последните две години, со тоа се зголемува јавната потрошувачка, а воедно се зголемуваат бруто инвестициите – заврши вицепремиерот Анѓушев.