Иран соопшти дека ќе ги повлече рестрикциите за дизајн и развој на технологијата за збогатен ураниум во она што експертите за контрола на оружјето го нарекуваат релативно мало активирање на иранската нуклеарна програма.
Иранскиот претседател Хасан Рухани доцна вчера изјави дека Иран ќе им даде дозвола на своите научници да го забрзаат истражувањето за напредните центрифуги откако им беа намалени обврските според Заедничкиот сеопфатен план за акција (Иранскиот нуклеарен договор) од 2015 година, кој сега е под закана поради повлекување на САД од него.
– Иранската организација за атомска енергија е должна веднаш да иницира секакви технички потреби за нашата држава во сферата на истражувањето и развојот. Сите обврски наведени во договорот мора да се тргнат настрана. Мораме да спроведеме истражување и развој во сферата на центрифугите, односно сите видови на нови центрифуги – порача Рухани.
Рухани во својата изјава наведе само дека Иран повеќе нема да ги почитува ограничувањата, но не појасни кои центрифуги ќе се тестираат. Експертите за неширење на нуклеарното оружје сметаат дека иранското соопштение е релативно скромно и може лесно да се повлече. Според Иранскиот нуклеарен договор, Иран има дозвола да ги користи најосновните центрифуги за производство на мала количина на збогатен ураниум, но мора да почитува строги временски рокови и правила за развој и користење на апаратура која побрзо и поефикасно го прочистува фисиониот материјал.
Американските власти вчера го потврдија извештајот на „Фајненшел тајмс“ дека иранскиот дипломат од Стејт департментот, Брајан Хук, стапил во контакт со капетанот на иранскиот танкер кој пренесувал 2,1 милион барели нафта и му понудил три милиони долари за да ја пренесе до Америка.
Европа се бори за да го спаси нуклеарниот договор покрај противењата на САД. Францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да спречи целосен распад на договорот со тоа што му понуди на Иран кредитна линија од 15 милијарди долари, но досега не успеа да ја убеди администрацијата на Доналд Трамп да не ја спречи.
Рухани порача дека Иран ќе најави ново проширување на програмата за два месеци, ако преостанатите страни во договорот, меѓу кои се Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија, не успеат да изнајдат механизам за подобрување на иранската економија која е заглавена во рецесија. Воедно тој додаде дека ако се постигне договор, Иран ќе се врати на обврските од договорот.
Претставник на администрацијата на Трамп го отфрли иранскиот маневар како обид за уцена и повторно го нагласи владиниот став дека „Иран не треба да збогатува ураниум“. Повеќето држави што имаат цивилни програми за нуклеарна енергија сметаат дека е поекономично да купуваат реакторско гориво од странство отколку да произведуваат свое. Владиниот претставник нагласи дека „Иран не треба да збогатува фисионен материјал ако сака да има нуклеарна програма за мирни цели“.
Подготвила: Билјана Здравковска