Македонската репрезентација е во одлична серија од дуели надвор од Македонија, во која од март 2017 година на девет меча забележа по четири победи и ремија и еден пораз
Македонската фудбалска репрезентација денеска, од 20.45 часот, треба да се сретне со селекцијата на Израел во 5. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Црвено-жолтите во комплетен состав ги одработија тренинзите пред важниот меч, со кој се продолжува трката за пласман на второто место, што, како и првото, носи место на континенталното првенство в година. Македонија и Израел играа и во минатиот циклус квалификации, а секоја селекција забележа победа на гостински терен (Израел со 2-1, а Македонија со 1-0).
– Домашниот тим веројатно има поголем императив за победа, но знаеме како да одговориме. Зад нас ги оставивме двата меча со Полска и со Австрија, не ги заборавивме поразите и сигурен сум дека извлековме поуки. Знаеме што не треба да правиме, а ако секој од нас си ја врши задачата, сметам дека нема да имаме проблеми – изјави за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) напаѓачот Иван Тричковски, член на кипарски АЕК.
Езгјан Алиоски смета дека бодовите треба да се заслужат на терен.
– Лесно е да се каже со зборови дека очекувам шест бода, и тоа е можно и на теренот, но треба да го дадеме максимумот. Сега треба да го добиеме Израел, а потоа со поголема самодоверба да играме и со Летонија и таму да победиме – рече за сајтот на ФФМ, Алиоски, фудбалер на англиски Лидс.
Македонската репрезентација е во одлична серија од дуели надвор од Македонија, во која од март 2017 година на девет меча забележа по четири победи и ремија и еден пораз, со вкупна гол-разлика 11-7. Серијата почна со триумфот над Лихтенштајн во квалификациите за Светското првенство во 2018 година, а тој циклус беше заокружен со победата во Израел и со ремито во Италија. Потоа следуваа два нерешени меча на неутрален терен, во Турција, со селекциите на Финска и на Азербејџан, па победите над Гибралтар и над Лихтенштајн во Лигата на нациите, но и поразот од Ерменија во тоа натпреварување. Во овој циклус, за пласман на ЕП 2020, Македонија досега одигра еден меч на гости, во кој ремизира 1-1 со Словенија.
По четири кола во групата Г, води Полска со максимален број бодови, 12, и без примен гол (гол-разлика 8-0), а потоа следуваат Израел со седум бода, Австрија со шест, Словенија со пет, Македонија со четири и Летонија без бодови. Во оваа група другите две средби се играат утре, а се среќаваат Словенија – Полска и Австрија – Летонија.
МЕЧЕВИ НА ГОСТИ
ДАТУМ ДУЕЛ РЕЗ. ТИП
24.3.2017 Лихтенштајн – Македонија 0-3 СП
2.9.2017 Израел – Македонија 0-1 СП
6.10.2017 Италија – Македонија 1-1 СП
23.3.2018 Финска – Македонија 0-0 П
27.3.2018 Азербејџан – Македонија 1-1 П
6.9.2018 Гибралтар – Македонија 0-2 ЛН
16.10.2018 Ерменија – Македонија 4-0 ЛН
16.11.2018 Лихтенштајн – Македонија 0-2 ЛН
24.3.2019 Словенија – Македонија 1-1 ЕП
5.9.2019 Израел – Македонија ? ЕП
СП – квалификации за СП, ЕП – квалификации за ЕП, ЛН – Лига на нации, П – пријателски меч (двата се на неутрален терен)