По апсењето на Јанева, се отворија многу нејаснотии
Различните толкувања околу варијантите за избор на наследник на Јанева само дополнително внесуваат забуна околу правната рамка според која би се направил таквиот избор, како и околу легитимитетот што би го добил идниот в.д. главен обвинител во СЈО
По приведувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, сега СЈО е без прв човек и нема кој да управува со институцијата, бидејќи претходно Јанева ги потпишувала сите одлуки. Различните толкувања околу варијантите за избор на нејзин наследник само дополнително внесуваат забуна околу правната рамка според која би се направил таквиот избор, како и околу легитимитетот што би го добил идниот в.д. главен обвинител во СЈО.
Како што истакна завчера јавниот обвинител Љубомир Јовески, в.д. наследник на Јанева треба да именува Советот на јавни обвинители од редот на обвинители од СЈО. Но со ваквото толкување на Јовески не се согласува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
– Законот за специјалното јавно обвинителство е јасен. При престанок на мандатот на специјалниот јавен обвинител, новиот се избира според постапката утврдена во членот 3 од Законот. Законите секогаш се толкуваат според целта и намерата на нивното донесување. Нивното произволно толкување од страна на Јовески и на Заев не може да биде посилно од законската норма. Во спротивно, нема да чуди ако Советот на јавни обвинители добие задача од Јовески или Заев да избере и в.д министер за финансии и в.д државен ревизор, како и в.д директор на МКЦ – пишува Милошоски.
Од друга страна, адвокатот Александар Тортевски смета дека во целата работа има некаква колизија.
– Има некакви колизии во Законот за специјалното обвинителство и Законот за јавно обвинителство. Во овој ад хок закон не е предвидена состојба во која главниот специјален обвинител е приведен, така што кога нема ваква ставка во Законот за специјално обвинителство, се применуваат одредбите од Законот за јавно обвинителство – вели Тортевски.
Политикологот Благојче Атанасоски смета дека судбината на СЈО би можело да ја скрои меѓународниот фактор.
– Денеска е голема непознаница како ќе заврши „судбината“ на СЈО и гледајќи ги дијаметрално спротивните ставови на власта и опозицијата околу неговата иднина, можеме да претпоставивме дека само под силен жесток притисок на претставниците на Европската Унија и американската администрација ќе се постигне некое ново компромисно решение за негово функционирање и понатаму – вели Атанасоски.
Според него, борбата против корупцијата и криминалот треба да биде неселективна и да се води против сите што се огрешиле од законот, без оглед на политичката и етничката припадност.
Околу иднината на СЈО со реакција се јави и доскорашната соработничка на Јанева, обвинителката Фатиме Фетаи, која истакна дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, притоа додавајќи дека не смее да се заборави на борбата против криминалот.
– Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал што се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа, застапување предмети во судница – истакна Фетаи.
Таа уште додаде дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара.
– Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив – рече Фетаи.
Адвокатот на осомничената Катица Јанева, Стеван Павлески, изјави дека неговата клиентка е жртва во случајот „Рекет“ и дека ќе го докаже тоа.
– Имаме докази и доказите беа презентирани. Јанева имаше либерален пристап во однос на притворите и одземањето на патните исправи. Таа е жртва на овој случај и ќе го докаже тоа – изјави Павлески.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека притворањето на Јанева е театар за да се скријат вистинските криминалци.
– Јанева му остана верна на Заев, како што и тој ѝ остана верен во сите местенки и криминали. Зоран Заев е премиер целиот период за време на кој е вршен милионскиот рекет. Уценувани се десетици бизнисмени, изнудувани се пари, а институциите на системот или биле дел од рекетот или замижувале пред криминалот. Јанева е алатката со чија помош е вршен рекетот, а Заев е координаторот на целиот криминален систем – обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Останува обвинителството да ја интензивира истрагата и да ги открие сите инволвирани во „Рекет“, додека, од друга страна, недвосмислено и апсолутно треба да се најде решение за судбината на СЈО. Кога овие две работи ќе се решат, тогаш и борбата против криминалот ќе стане вистинска и интензивна, со што ќе се врати и загубената доверба во системот.
Адвокатот на Јанева со жалба на одлуката за притворот
Адвокатот Стеван Павлески, кој ја застапува специјалната обвинителка Катица Јанева, откако завчера ѝ беше одредена мерка притвор, најави поднесување жалба на одлуката.
Павлески изјави дека ги собира потребните документи и дека ќе ја поднесе жалбата до Кривичниот совет, притоа додавајќи дека поради вчерашниот погреб на мајката на Јанева и нејзиното заминување во родната Гевгелија, ситуацијата е посложена и покомплицирана.
Мерката притвор завчеравечер ја одреди судијата на претходна постапка Сеад Реџепагиќ по сите три основи: опасност за повторување на делото, можно влијание на сведоци и опасност од бегство.
ВМРО-ДПМНЕ: Состанок на работните групи за законот за ЈО на почетокот на следната недела
Состанок на работните групи за законот за Јавно обвинителство би можел да се одржи на почетокот на следната недела, кога партиите ќе треба да се обидат да ги доближат ставовите околу овој закон.
– Нема договорен точен термин кога би можел да се одржи состанокот на работните групи за законот за Јавно обвинителство. Очекувам тоа да биде на почетокот на следната недела – изјави вчера Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, демантирајќи ги информациите дека тоа би можело да се случи денеска.
Во дел од медиумите вчера беше објавена информација дека по барање од ВМРО-ДПМНЕ за денеска бил закажан состанок на работните групи што треба да расправаат за законот за Јавно обвинителство, а наводно информацијата била потврдена и од Владата.