Белгија стана 10-та земја што покажа интерес да биде домаќин на проширеното Светско првенство (СП) во фудбал за жени во 2023 година, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Кон крајот на минатиот месец ФИФА објави дека, благодарение на успехот на годинашниот финален турнир во Франција, на кој настапија 24 репрезентации, а за поттикнување на порастот на женскиот фудбал, СП 2023 ќе биде со 32 селекции.
Девет држави веќе се пријавија за организирање на следното СП уште пред да се донесе одлуката за промена на форматот. Тоа се Австралија, Нов Зеланд, Јужна Африка, Јапонија и Јужна Кореја, со потенцијална заедничка понуда со Северна Кореја, Аргентина, Боливија, Бразил и Колумбија, плус Белгија.
Овие земји имаат рок до 2 септември да ја потврдат кандидатурата, а потоа до 13 декември да ги достават и понудите. Земјата домаќин на СП 2023 ќе биде позната во мај 2020-та.
Годинашното СП, на кое победија САД, беше второ со 24 тима, по она во Канада во 2015-та. Првото СП во 1991 година во Кина почна со 12 екипи, како и следното во Шведска во 1995-та. Потоа, на следните четири СП, од 1999 до 2015-та, во завршницата имаше по 16 репрезентации.